Централни митинзи ќе одржат викендов во Скопје кандидатите за претседател поддржани од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска.

Според најавата од изборниот штаб Силјановска – Давкова, вечерва таа ќе има централен митинг пред Владата во Скопје. За утрешната агенда на Силјановска се најавени митинзи во Свети Николе и Велес.

Кандидатот, кој ја има поддршката од СДСМ и коалицијата, Пендаровски централниот настан во оваа претседателска кампања ќе го одржи утре во 14 часот пред зградата на ЕУ Инфо Центар.

Пендаровски денеска ќе има средби со граѓани во Конче, Радовиш, Босилово, во Ново Село, каде ќе се одржи граѓанска трибина, а за вечерва во Струмица е најавен граѓански митинг.

Претседателскиот кандидат Блерим Река, кој доби поддршка од БЕСА и Алијансата на Албанците денеска ќе одржи митинг во Гостивар, а завршната конвенција е најавена за 18 април во Тетово.

Кампањата официјално почна на 1 април, а ќе трае до 19 април, по што следува 24 часовен изборен молк пред денот на гласањето во првиот круг, закажан за 21 април.