Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, утре ќе престојува во Софија на средба со неговата колешка Екатерина Захариева. Ова ќе биде прва посета со која старо-новата Влада, според нејзините најави, треба да го отпочне засилениот политички дијалог со соседна Бугарија пред одредувањето на датумот и почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. За 10 ноември е предвидена и првата средба на двајцата премиери Зоран Заев и Бојко Борисов.
Османи, меѓу другото, најави дека ќе патува во Софија со јасно утврдени „црвени линии“, што е особено важно по бугарскиот објаснувачки меморандум, кој практично во целост ги искомплицира односите меѓу двата соседа.
Уште при промоцијата на новата функција Османи изјави:
-Имаме стратегија, знаеме што правиме. Ги имаме „црвените линии“ на бранење на нашите национални и државни интереси и цврсто стојам на бранење на тие интереси. Бидете убедени како паметно сме стигнале до одлука за почеток на преговорите, така и ќе ги почнеме преговорите.
Но, останува нејасно кој, кога и како ги одредил и утврдил и, во крајна линија, кои се македонските „црвени линии“?! Дали тие се само ексклузивитет на власта или, пак, зад нив стои и опозицијата?
Ако се суди според Османи, „црвените линии“ се „идентитетските карактеристики“, што произлегуваат од правото на самоизјаснување и самоопределување на народите и тие не се дел од билатерални спорови и, нормално, прашањето на јазикот. За историските прашања и личности, пак, ќе се грижи мешовитата комисија.
За постоење на „црвени линии“ говореше и претседателот Стево Пендаровски во телевизиско интервју во јуни годинава. Одговарајќи на прашање за употребата на македонскикот јазик, тој меѓу другото изјави:
-Ова е едноставно „црвената линија“, која ние мора да ја имаме. Значи, ние мора да направиме, еве јас сум сигурен дека ќе направиме, дури ако треба и на хартија после изборите, државен консензус. Ви тврдам, бидејќи имам комуникација со сите политички лидери во земјата, и Зоран Заев, и Христијан Мицкоски, и Зијадин Села, и Али Ахмети, сите мислат исто на ова прашање, сите мислат исто по оваа точка. Зошто тоа го врамуваат во специфични изрази и реченици се знае, имаат и партиски интереси и сакаат тоа да добие на видливост.
Од консензус на хартија до сега нема ништо, исто како што нема ништо и од одржување собраниска седница, што ја побара опозицијата за бугарскиот објаснувачки меморандум.
Ваквите „црвени линии“, за кои јавноста не знае кога и како се утврдени, меѓутоа, оставаат простор за одредени нејаснотии. На пример, ако се земе употребата на македонскиот јазик, тој може да се сведе на постоење само од 1944 година. Истото е и со македонската држава и нација. И клучно е прашањето дали на овој начин, фактички, самите не ја спуштаме временската рамка до 1944 година, а со тоа и можноста за самоопределување како Македонци само од тогаш? А, се претходно не постоело или, вулгарно речено, може да биде предмет на политички пазарења?
Очигледно, доминираат партиските, а не државните и национални интереси. Зашто, поважно е да се соберат политичките ловорики, отколку пред јавноста да се добие перцепција и слика дека европскиот пат на Македонија е заеднички-и на власта и на опозицијата.
Comments are closed for this post.