Првичните резултати од почетокот на ветингот на дипломатите во МНР покажува дека на две лица ќе им биде раскинат работниот договор затоа што немаат безбедносен сертификат од безбедносните служби.
-На едно лице при проверка на безбедносниот статус одбиено му е барањето за безбедносен сертификат и не го поминал првиот филтер. За причините за одбивањето не добив образложение, а почната е и процедура за прекинување на работниот однос. Друго лице користело несоодветен сертификат. И тој не го поминува првичниот ветинг и за него следува прекин за работниот однос. Со тоа може да се заклучи дека две лица не го поминаа ветингот, информира министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Тој посочи дека тоа не е групата на дипломати за кои Ерменија издаде меѓународна потерница преку Интерпол.
Османи додаде дека во рамки на темелите проверки е констатирано и дека шест лица пропуштиле навремено да побараат обнова на своите безбедносни сертификати. По укажувањата дека може да се работи за технички превид, на овие лица им е даден рок од седум дена да ја исправат оваа грешка и да побараат соодветна сертификација.
-По изминување на рокот поединечно ќе се разгледува статусот на првичниот ветинг за секој од нив и соодветно наодите ќе се одлучува укинување на ограничувањето и нивно целосно враќање на работните обврски или почнување на процес за прекинување на работниот однос во зависност од тоа како тоа ќе се одвива, изјави Османи.
Comments are closed for this post.