Бугарија не може да го поддржи одржувањето на првата меѓувладина конференција со Македонија, соопштија од бугарското МНР за агенцијата БГНЕС, откако деновиве победничката партијат на изборите во Бугарија, „Продолжуваме со промените“ испрати позитивни сигнали околу можноста да се тргне блокадата на евроинтеграциите на земјава.

Сегашниот проект за преговорачката рамка за влез на Македонија во ЕУ не ги содржи предлозите на бугарската страна и од тоа следува дека Бугарија не може да ја поддржи конференцијата, велат од бугарското МНР, додавајќи дека техничкиот министер за надворешни работи Светлан Стоев денеска ги примил амбасадорите на земјите членки на Европската Унија и ги информирал и за отворените прашања со земјава.

„Нема каков било напредок во спроведувањето на Договорот за добрососедство“, истакнал Стоев на средбата, посочувајќи дека бугарската страна се уште очекува конкретни чекори од македонска страна, како што е откажување од територијални и малцински претензии, прекин на говорот на омраза против Бугарија, промена на учебниците во Македонија што ќе ја отсликува нашата заедничка историја и гарантирањето на правата на граѓаните со бугарска самосвест“, се вели во соопштението на бугарското МНР.