Надвиснатата опасност од војна во Украина не обврзува да фрлиме поглед наназад во историјата за да ги откриеме длабоките корени за денешните високонапонски тензии. Затоа, да ги погледнеме историските факти.
Ја измамија ли Москва за проширувањето на НАТО
Руската официјална доктрина и пропаганда долго време најмногу го повторува следното: САД и НАТО го излажаа Горбачов дека Алијансата нема ниту сантиметар да се шири на исток-имено, тоа е причината за денешните тензии. Меѓутоа, такво ветување никаде не е потврдено црно на бело. Денес веќе се достапни доволно документи и извори од кои станува јасно што се случувало во текот на историската 1990 година кога беше донесена одлуката за обединувањето на Германија.
Според германскиот „Зидојче цајтунг“, тие материјали никој ги нема проучено подобро од харвардската историчарка Мари Илис Сарот, која минатата година ја издаде својата трета книга посветена на крајот на Студената војна. Книгата се вика „Ниту сантиметар“, а насловот се однесува токму на спорното ветување дека НАТО нема да се проширува. Против Сарот често се употребува аргументот дека како американска граѓанка таа самата е пристрасна, потсетува германскиот весник, но се спротивставува со наводите дека никој не вложил толкави напори за историската вистина колку самата Сарот. Написот во германскиот весник е насловен „Беше ли измамен Советскиот сојуз од Западот?„.
Опширен разговор со 34-годишната историчарка е објавен во друг германски весник-„Велт ам зонтаг“. Во него таа потсетува дека на почетокот на 1990 година главното прашање било-Што следи од тука, па натаму? Студената војна завршила, но на територијата на тогашна ДР Германија се уште има 380.000 советски војници. И воопшто не е јасно дали Москва ќе се согласи Германија одново да се обедини. Во интервјуто за „Велт ам зонтаг“ историчарката објаснува:
-На почетокот на 1990 година се одржаа низа дипломатски разговори. Во еден од нив, тогашниот државен секретар на САД, Џејмс Бејкер, му го кажал на Горбачов приближно следното:„Како ви звучи приближно една ваква хипотетичка идеја: Вие и дозволувате на Германија да се обедини, а ние Ви велиме дека НАТО нема да се помести ни сантиметар во правец на исток“. На што Горбачов одговорил: Да, звучи како добра идеја, во иднина можеме да ја разгледаме“.
Мари Илис Сарот потсетува дека околу тој разговор нема никакви сомневања, но истовремено на хартија не е ништо потпишано. Црно на бело постои само во познатиот Договор 2+3 од септември 1990 година.
-Во тој договор пишува дека НАТО има право да ја прошири зоната во која ќе делува членот 5 за обврската на организацијата да ги штити своите членки-да ја прошири од другата страна на Студената војна т.е. и на територијата на ДР Германија. Москва го потпишала. Но, Путин денес го премолчува, зашто тој факт не му одговара, вели Сарот.
Историчарката говори и за противречните тврдења на Михаил Горбачов, кој во 2014 година вели дека за време на преговорите за обединувањето на Германија не станувало збор за НАТО. Но, архивите на самиот Горбачов содржат белешка дека тој лично зборувал со американскиот државен секретар Бејкер за НАТО. И ја споделил претпоставката дека државите од Средна и Источна Европа сакаат да го напуштат Варшавскиот договор и подоцна да влезат во НАТО. Со други зборови, посочува Сарот, било зборувано за НАТО.
Во опширното интервју за „Велт ам зонтаг“ станува збор и за последниот напис на „Шпигел“ на истата тема во кој се цитираат „ново откриени извори“. Тие исто така потврдуваат дека-за разлика од искажаното од Горбачов во 2014 година-во преговорите за обединувањето на Германија како тема било присутно проширувањето на НАТО на исток. Двајца дипломати, кои учествувале во тогашните преговори-Германецот Јирген Хробог и Американецот Рејмонд Сејц-во 1991 година се на мислење дека Западот, сепак, ја прифатил обврската, НАТО да не се шири од другата страна на Елба. Меѓутоа, таму работата е во тоа што нивните претпоставени-претседателот на САД, Џорџ Буш, и канцеларот на СР Германија, Хелмут Кол-не ги ополномоштиле за такви ветувања. Околу тоа прашање историчарката вели:
-Ако во рамките на преговорите „2+4“ Сејц и Хроборг сепак преговарале со Советите за иднината на НАТО-и тоа наспроти укажувањата од Белата куќа и од германската влада-тие ги пречекориле своите овластувања. И нема значење кој што си кажал во 1991 година-тоа што се брои е официјално потпишано во 1990. А, тоа е јасно, таква била официјалната позиција на Федералната Република, Велика Британија, Франција и САД.
Во разговорот со историчарката натаму станува збор за следната фаза на разведрување во односите меѓу Западот и Москва. Околу ова прашање Мари Илис Сарот вели:
-Имаше три решавачки моменти-еден уште за време на владеењето на Џорџ Буш, а другите два веќе во времето на Бил Клинтон. Од гледна точка на Буш, Студената војна беше добиена од НАТО, така што немаше потреба од нов мировен поредок или од какви било промени. (…)Буш јасно даде на знаење дека новиот мировен поредок во Европа ќе биде многу сличен на стариот и така ги симна од дневен ред сите можни алтернативи, во прв ред неутрална Средна Европа, ако не и распуштањето на НАТО.
Вториот решавачки момент, според историчарката, настапува во моментот кога за време на мандатот на Бил Клинтон неколку источноевропски држави, како на пример Полска и Унгарија, јасно велат дека сакаат да влезат во НАТО. Таа ги цитира зборовите на Клинтон, така како што ги пренела и во својата книга „Ниту сантиметар“: Момент. Да не брзаме толку. Зашто, ќе ни се појави проблем. Што ќе се случи тогаш со Украина? Што ќе се случи со другите бивши советски републики“? Според историчарката, Клинтон водел сметка дека низ Европа одново ќе се повлекува црта на раздвојување-меѓу државите кои се под закрилата на НАТО и оние кои не се.
-На почетокот на 1994, Клинтон го кажува приближно следното:„Најголем проблем е Украина. Нема да има траен мир ако Украина ја оставиме сама“. Кога го прочитав тоа, едвај не паднав од столицата.
Историчарката потестува дека на тој фон администрацијата на Бил Клинтон разработува една меѓуфаза-т.н.„Партнерство за мир“, во чии рамки државите од Средна Европа постепено ќе се придвижат кон членството во НАТО, а партнерството да биде отворено и за држави како Украина, Белорусија и Казахстан.
-Тоа решение не беше особено популарно, зашто Полска и Унгарија сакаа веднаш да влезат во НАТО. Но, „Партнерството за мир“ имаше една голема предност-тоа беше прифатливо за сите, вклучувајќи ја и Русија, која дури и се присоедини. Полска од срце ја мразеше таа идеја, но Бил Клинтон го убеди Лех Валенса.
„Сивата зона настаната во деновите меѓу 8 и 25 февруари“
На крајот од интервјуто историчарката стигнува до третиот решавачки момент, кој ги предодредил денешните тензии меѓу Русија и НАТО:
-За него е виновен не само Клинтон, туку и Елцин. Првично, демократизацијата во Русија започна многу ветувачки, во во октомври 1993 година Елцин испрати тенкови против парламентарците/ А, уште полошо беше навлегувањето во Чеченија во 1994 година. За Полјаците тоа беше пресвртен момент и токму тогаш тие рекоа-Откако Русија навлезе во Чеченија, ние имаме потреба од закрилата на членот 5. Источноевропејците го засилија притисокот. Да не ги заборавиме и изборите во САД, што ги добија републиканците, кои беа за проширување на НАТО. Под притисок на тие настани, а и како резултат на Меморандумот од Будимпешта, со кој Украина се откажа од нуклеарното оружје и така изгуби дел од своето значење, Клинтон го смени своето мислење и на источноеврпејците им го даде членот 5. И оттогаш тргнавме по патот на кој се наоѓаме сега.
Во тој дел Мари Илис Сарот се враќа на тогашната одлука на Украина да и го предаде на Руската Федерација нуклеарното оружје од советско време. По нејзините наводи, „Зидојче цајтунг“ резимира:
-Тоест, никогаш немало правно обврзувачки ветувања или договори за улогата на НАТО по обединувањето на Германија. Во преговорите за надворешнополитичките аспекти на германското обединување (преговорите „2+4) темата повеќе не се појавува. Тоа си останува една сива зона, настаната во усмената комуникација во деновите меѓу 8 и 25 февруари.
Comments are closed for this post.