Поранешниот премиер Владо Бучковски во врска со судењето за случајот Маѓар Телеком изјави дека СЈО е е удбашко-сталинистичка манипулација, која за жал, обвинителката Лиле Стефанова ја користи за подобар статус во преговорите на неговата иднина.

Jас едвај го чекам сведочењето на Слободан Богоевски кое ќе го даде пред наш суд, за да поднесам кривична пријава за давање на лажен исказ. Документот кој денеска го покажала обвинителката Лиле Стефанова ми беше предочен и мене, кога сведочев пред Комисијата за хартии од вредност во Вашингтон во февруари 2014 година. На секого што го видел тој документ со никакви потписи, му е јасно дека станува збор за фалсификат создаден во удбашко-сталинистичката кујна на Богоевски“, најави експремиерот Владо Бучковски за сакамдакажам.мк

Судењето за „Маџар телеком“ почна во 2011 година, а од неодамна случајот го презеде Специјалното јавно обвинителство.

Во нашата земја беа поднесени кривични пријави против четворица странски државјани уште пред американските власти да го отворат случајот врз основа на тоа дека во периодот кога се случила корупцијата, „Маџар телеком“ котирал на американската берза.

За злоупотреба на службената положба во нашата земја беа обвинети генералниот директор на Македонски Телеком, Атила Сендреи, финансискиот директор, Ролф Плат, како и Михаил Кефалојанис и Золтан Кешиус, кои беа осомничени дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин го оштетиле „Македонски телеком“ и Буџетот на Македонија, бидејќи Владата била акционер.

Случајот доби нов тек откако пред американските власти во Њујорк сведочеше поранешниот разузнавач Слободан Богоевски, кој тврдеше дека мито од „Маџар телеком“ зеле поранешниот премиер Владо Бучковски, лидерот на ДУИ Али Ахмети, тогашниот функционер на ДУИ Муса Џафери и Абдулхалим Касами.