Со зголемениот број на пациенти на болничко лекување се пополнуваат и болничките капацитети, вели за Канал 5 министерот за здравство Венко Филипче. Исполнети се болниците во Куманово, Штип и Струмица. Пациенти од денеска има и во модуларната болница кај Инфективна. Доколку и овие капацитети се пополнат, вели Филипче, Комисијата ќе препорача повторно воведување на полициски час, откако претходно ова го најави како следен чекор ако не се почитуваат актуелните здравствени препораки.
Министерството за здравство регистрира 408 нови случаи на заразени со Ковид – 19 по направени 2140 тестирања во изминатите 24 часа. Најмногу се во Скопје, 227 случаи. Потоа следуваат Охрид со 23, Струмица со 18 и Штип и Велес со по 15, а во Битола се регистрирани 10 нови случаи. Починати се 4 лица, двајца пациенти од Скопје, и по еден од Ресен и Битола. Оздравени се 281 пациент, со тоа вкупната бројка на активни случаи во моментов во земјава изнесува 5673.
Мерките како носење на заштитни маски на отворено, ограничување на групирање до 22 часот и ограничување на семејните собири како дел од измените на Законот за заштита на населението од заразни болести сепак денеска не се најдоа на собраниска седница. Пратениците од опозициската ВМРО ДПМНЕ побараа дополнително време да ги разгледаат предложените измени и да дадат свои предлози, па според најавите на дневен ред ќе бидат ставени на 27 месецов. Филипче апелира партиите да покажат единство и законот наскоро да ја помине собраниската процедура.
Comments are closed for this post.