Изутринава во 05.30 часот е блокиран пристапот кон “рудникот на смртта“ Штука-Иловица, објавија на Фејсбук организаторите на блокадата.

Тие наведуваат дека тоа била прва, пробна блокада и порака и до „Еуромакс“ и до Владата во најскоро време да го донесе потребното решение.

Во спротивно, блокадите ќе траат без прекин додека не биде одземена концесијата за рудникот на смртта. Денеска народот си ја враќа контролата на територијата. Рудникот нема да помине никогаш“, соопштија тие.

Синоќа, по иницијатива на жителите на селата Штука и Иловица, во Иловица беше одржан состанок во врска со најновите контроверзи околу рудникот. На состанокот учествувале жители на селата и, по покана, активисти од Здрава Котлина, Младите на Штука-Иловица и Еко-Долина. Повод се активностите кои се одвиваат на локацијата на рудникот, при што официјално наводно се вршат археолошки испитувања на локалитетот, спроведени од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Струмица. Жителите се вознемирени од фактот дека овие истражувања под капа на Заводот ги финансира концесионерот на рудникот Еуромакс рисорсис, факт што се криеше од јавноста, што остава дилеми за крајната цел.

Нелогично е Еуромакс да финансира археолошки испитувања токму сега, кога треба конечно да се реши судбината на рудникот. Според Законот за заштита на културното наследство, доколку има археолошки наоѓалишта, рудник не може да има. Постојат информации дека на локацијата на рудникот има околу 5 до 8 археолошки наоѓалишта, неистражени досега, кои можат да доведат до значајни наоди. Целата оваа контроверза, со оглед на историјата на бесчестието на компанијата Еуромакс, повлекува длабок сомнеж дека овие истражувања се вршат токму со цел да не се пронајде ништо и да се елиминира овој вид законска пречка за изградба на рудникот“, наведуваат организаторите на блокадата потенцирајќи дека кај жителите трпението е при крај и оти со жив штити ќе ја бранат својата околина.

Утре во Иловица еко-здруженијата ќе организираат собир со млади еко-активисти од повеќе земји, кои деновиве престојуваат во регионот, со цел тие да придонесат за интернационализирање на проблемот со рудникот.