Дојде долго очекуваниот Д-деј. Но, за разлика од успешно реализираното истоварување на сојузниците на европско тло во 1944 година, нашиот Д-деј за отпочнување на преговорите со ЕУ заврши со фијаско. Добивме вето кое сигурно не погоди сите. Како што е неуспех за македонската дипломатија, така е и за македонските граѓани. Повредени и со горчина мора да го голтнеме и ова апче како и многуте досега. Неуспехот на владата е неуспех и на македонските граѓани. А, вето добивме од „братскиот ни народ“ во Бугарија, вели проф. д-р Тодор Чепреганов во отвореното писмо до премиерот Зоран Заев, по неговото интервју за бугарската агенција БГНЕС.

Ништо од Договорот за пријателство и добрососедство. А, многумина укажуваа дека тој не е тоа. Дека е спротивното. Договор на уцени и омаловажување. Но, оваа корпа испадна ептен братски и пријателски. Ако не брат, кој друг. Очебијно, г-дине Заев, различно го поимате терминот братски со Борисов. Ова вето треба да Ви ги отвори очите. Во политиката нема братство, има само интерес и само интерес. Бугарските политичари тоа одамна го сфатиле. Во историјата склучувале многу братски договори и договори за вечно пријателство и сите ги погазиле. А, знаете зошто?! За Македонија. Не можеле никогаш да одолеат на тој предизвик да ја имаат. И секогаш губеле. Па, и самиот ја знаете поговорката „Брат за брат, сирење за пари“. Е, тоа е бугарското поимање на братството, за жал.

И денес повторно доаѓаат „по своето“ што Вие сте им го ветиле и потпишале (во некоја еуфорична состојба), а сега најдени во небрано по огромниот број реакции во македонската јавност не можете да го испорачате (останува да видиме колку ќе бидете доследен). Затоа што се работи за работи за кои не се дискутира-идентитет, историја, јазик и култура. И сега повторно од почеток. Демек тоа не го мисли „мојот брат“ Борисов. Не го мисли, но го прави. Тој ги брани националните интереси на Бугарија. И за тоа треба да му се честита. А, што браните Вие и Вашата камарила, г-дине Заев?! Целата Ваша досегашна политичка и дипломатска активност, го покажува Вашето ниво на нивно (не)познавање од што, за жал, гледаме само обезличување на се што е македонско.

И ако е од Вас, доста е, навистина, ДОСТА Е. Ако Вие имате проблем со Вашиот идентитет, историја, јазик, култура и Ви требаат комисии за тоа да Ви го кажат кој сте и што сте, оставете не нас кои веќе со тоа сме расчистиле дека сме МАКЕДОНЦИ со МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, ИСТОРИЈА И КУЛТУРА. До кога ќе не распродавате, наддавате за тотално да не обезличите. Веќе немате ниту мерка, ниту усул. Со Вас т.е. покрај Вас си играат со нас Бугарите како што сакаат. Можам да ги сфатам бугарскиот претседател Радев, премиерот Борисов, министерката за надворешни работи Захариева и Каракачанов, кои ги бранат бугарските национални интереси за што биле и избрани и се одговорни пред своите гласачи. Но, прашањето е што браните Вие, г-дине Заев, бугарските или македонските национални интереси?!

Како што знам, избрани сте да ги браните македон ските. Но, според она што може да се слушне од Вашите изјави како и да не постои дисонантност меѓу Вас и бугарските Ви колеги. Ми се чини, според Вашите последни изблици на пријателство и добрососедство дека веќе сте во нивниот филм. Во таа еуфорија, па дури и зборувате како Бугарите ги ослободувале македонските градови. Г-дине Заев, кога не знаете нешто, немојте да го кажувате. Ја омаловажувате борбата на македонската НОВ и ПО. Имено, по капитулацијата на фашистичката бугарска војска, Оточествениот фронт на Бугарија успеа да ја реорганизира постоечката бугарска армија (замислете од фашистичка и окупаторска преку ноќ станува ослободителна) и во согласност на Врховниот командант на НОВЈ, Тито (омилен меѓу Бугарите), добива дозвола да учествува во завршните операции за ослободување на Југославија и тоа само на еден нејзин помал дел.

Како резултат на тоа координирано дејствување се налагала и потребата за итен состанок меѓу раководството на бугарските единици, кои требаше да земат учество во завршните операции на дел од Источна Македонија. Состанокот се одржал на 23 септември 1944 година во Пехчево во присуство на генерал-мајор Михаило Апостолски, командант на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, и други со бугарскиот генерал Кецкаров. Она што било договорено било да им се дозволи на бугарските единици да СОДЕЈСТВУВААТ со македонските единици во ослободувањето на Македонија од нацистите. Нивните акции (бугарските) биле назначени од страна на маршал Толбухин на 14 октомври 1944 година и тие биле СОДЕЈСТВО со македонските единци на теренот Царево Село (Делчево), Кочани, Штип, Велес кон Скопје.

За нивното содејствување има голем број архивски документи во кои почесто ќе сретнете и опструирање на содејството од страна на бугарската војска, по што биле разоружувани од партизаните и праќани за Бугарија без оружје. Само, за да не се заборави. Добрата волја на Тито да и дозволи на Бугарија да го испере срамот како сојузник на наци-фашизмот е повеќе од пријателски и добрососедски. Тоа не би го заборавиле пријателите и соседите. Но, по се изгледа, некој е со кратко паметење.

А, на пример, еве како Бугарите го ослободувале Скопје (сеќавање на Боро Чушкар):

„Стигнавме кај железничка станица во последна минута. Бугарските осмореди само што не беа тргнати по главната улица и параден марш. Рипнавме од коњот и Ѓуро и јас. Му пријдовме на најстариот по чин офицер. Беше тоа командант на дивизијата и по чин беше генерал-мајор. Сув, слабичок, жолт некако како лимон. Му пријдов и го прашав:„Знае ли он дека ова не е негова царска Бугарија…Знаеш ли ти генерале дека се наоѓаш во Југославија? Знаеш ли ти дека ние војувавме против вас четири години, да ви ја ебам мајката фашистичка…Знаеш ли ти протуво ена бугарска дека ако направите уште еден единствен чекор кон градот дека ќе наредам во вас да се пука од сите оружја и орудија, што ги има во градот? Се влечете како лешинари позади нас и јавувате преку радио како ја ослободувате Македонија. Каде вие испаливте метак за ослободување на Велес и Скопје, да ви ја ебам мајката, што ви дава за право така огавно и подло да се лажете и себе си и светската јавност. Сместа во овој момент ќе и наредиш на војската да се сврти на лево круг и сите да се вратите во касарните од каде и дојдовте. Дали разбра генерале? Со нас шали ќе нема…“. Му реков таму многу повеќе, а кога завршив, видов дека се уште го држам за градите и го дрмам како дечка играчка. Тој целото време трепереше како штиглица. Но, на крајот сепак отсечно и одлучно рече:„Јасно…другар…Но а,с не с,м виновен, такво нареждане получих…“.

Тогаш јас повторно викнав:„Да им ебам мајката на оние кои ти дале наредба да парадирате тука. Наредби они можат да дадат за изведување на вежби во касарните, каде што ве примивме како гости, а не да ми се маате и парадирате по градот…За тоа само ние можеме да дадеме одобрување, а не твојата посрана влада од Софија…Дали ти е сега јасно?

„Разбирам…Всичко ми е јасно…“.

Толку за ослободителната мисија на Бугарите. Само со нивна сопствена лустрација може да градат вистинско пријателство и добрососедство. Не со заборавање.

Г-дине Заев, не ја ставајте политиката над историјата. Ја силувате. Ова вашето е без преседан во историјата. Па, и комунистите можат да Ви позавидат. Сакате да Ви испорача нешто што е неиспорачливо. Тоа го барате од комисијата. И тоа за Вас ќе биде најголем дострел. Го критикувате Тито т.е. Југославија која ве делела, а во основа барате „братство и единство“ со Бугарија, демек заедничка историја. Барате од комисијата да Ви испорача нешто што не се испорачува: самата да се обезличи, а потоа со нејзините одлуки и сите нас. Велите „двата народи се со заедничка историја, заедничко минато“. Како папагал повторувате дека имаме заедничка историја со Бугарија, а не споделена, и покрај сите писанија на научните работници базирани на повеќедецениски истражувања, а да не зборуваме за реакцијата кај македонскиот народ дека единствена заедничка историја со Бугарија е времето кога сме биле под нејзина окупација, кога ги користеле војните да навлезат во Македонија и да воспостават своја окупациска власт. ТОА НЕ Е ЗАЕДНИЧКА ИСТОРИЈА, Г-ДИНЕ ЗАЕВ. тие сојузници на наци-фашизмот, а ние на страната на Антифашистичката коалиција. Два антипода.

Понатаму велите:„Од таа заедничка историја, минато, се развиле денешните, македонскиот и бугарскиот народ“. Сакате да кажете дека до еден момент (треба да го дефинирате кога, каде и кој го направил тоа во кој историски период) сме биле „същото“ и во еден момент сме се оделиле и сме станале Македонци. Да не случајно ја поддржувате бугарската теза дека сме Титова творба од 1944 година?! Па велите „како тоа да биде заедничко, а да биде бугарско, или да биде заедничко, а да биде македонско. Заедничко е заедничко“. Ој па да ве разбере човек. И самите влегувате во контрадикторност и кажувате дека нема заедничко ништо меѓу Македонците и Бугарите, ниту едното, ниту другото може да биде заедничко. Може да биде само посебно. Или можеби ова е само намигнување на историско-образовната комисија како би требало да изгледа „заедничкото е заедничко“.

На крајот од Вашата изјава сте во право:„Одговорноста останува на политичарите со сите одлуки кои ги носат. Ако се позитивни, ќе останат запишани со златни букви, ако се негативни…“, според мене, ќе си го најдат своето место на буништето на историјата. За жал, тоа место некои го обезбедија уште додека се живи. На крајот велите дека:„Ние сме братски народ и треба да се поддржуваме во иднина. Нашиот македонски народ никогаш не би ставил вето и блокада на бугарскиот народ“. Сосема сте во право. Ако Бугарите навистина беа „братски народ“ немаше да ни стават вето, туку како „брат на брат“ би требало да помогнат кога македонскиот народ се наоѓа во тешка ситуација. Македонскиот народ никогаш не би му ставил вето на бугарскиот народ, затоа што македонскиот народ го красат искреност во меѓусебните односи и комуникации, без задни намери.

И на крајот велите:„И за Гоце Делчев сме блиску во духот на заедништвото и верувам во сето она што во иднина ќе биде предизвик пред комисијата“. Како сте блиску г-дин Заев кога имаме дијаметрално спротивни ставови во однос на Гоце Делчев и тоа Ви го предочуваат стотици написи од страна на македонските историчари, интелектуалци и народ. И каков предизвик ќе биде тоа за комисијата. Ако членовите на комисијата сега се просветлиле, посебно по Вашите изјави, тешко нас. Но, не се сомневам во членовите на комисијата. Ако работат според историската методологија не би можеле да се реализираат Вашите барања за заедничка историја. И сосема на крајот велите дека „пријателска Бугарија ќе остане на линијата на пријателството“. За жал, постапките на бугарската политика воопшто не се пријателски, а најмалку братски. Што значи, бугарските политичари и бугарската политика ниту се пријателски, ниту се братски.

Нели, нешто овде не оди според европските стандарди. Меѓутоа, по се изгледа, Бугарија не ја интересираат европските стандарди. Со европски стандарди таа ни стави вето. Го гледа сопствениот интерес. Националните интереси пред се. Тоа може да го видиме од тоа како се однесува Бугарија спрема пресудите на судот во Стразбур во однос на македонското малцинство во Бугарија, кое Вие за голем срам веќе го избришавте со Договорот.

На крајот, дали македонските ученици ќе мора да учат од учебниците дека договорот во Сан Стефано е најголемата неправда која му се случила на бугарскиот (а со тоа) и на македонскиот народ, затоа што, нели, регионално сме Македонци, а национално Бугари, дека во Втората светска војна се водела граѓанска војна, дека „македонските Бугари“ администратори се виновни за холокаустот на македонските Евреи, за стрелањето на Ваташките деца, клањето во Дабница и редица други. Сигурно дека тоа политички може да помине, но ИСТОРИСКИ НИКАКО. Еден ден историјата ќе дојде по своето и ќе суди.