Мајкл Штрауметис, светската канабис-ѕвезда со „уметничко“ име Биг Мајк по тридневна посета денеска од Меѓународниот аеродром Скопје замина од Македонија.

Тој се сретна со премиерот Зоран Заев за кого рече дека ја разбира можноста на канабисот за Македонија и дека 3 до 4 илјади работни места ќе бидат отворени во следните 2 до 3 години. Со тоа, додава тој, ќе се отвори голема можност за пазарот на канабис во Европа од како што рече, пријателската средина како ниедна друга во Европа.

Во видеото кое го објави на Инстаграм, Биг Мајк вели дека Македонија ќе ја претвори во „европска супер сила на канабисот“.

Освен со премиерот Заев, Штрауметис објави фотографии од средбите со министерот за здравство Венко Филипче, градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, а оствари средба и со министерот за земјоделство Трајан Димковски, претставници на банка од Македонија како и фармацевти.

Тој поседува компанија која е светски лидер за производи од канабис под името „Адвансд Нутриенд“, која има претставништва во 93 држави во светот, а со која има направено милиони долари.

Канабисот го промовира на разни начини на социјалните мрежи каде има 26 милиони следбеници.