Барањето за одлагање на казната за поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за предметот „Тенк“, денеска пристигнало до Кривичниот суд и веднаш е дадено на судија за извршување на санкции, соопшти на денешниот брифинг со новинари претседателот на Кривичниот суд во Скопје, Иван Џолев. Судијата, потоа, има законски рок од три дена за да се произнесе.
Доколку жалбата биде одбиена, Груевски исто така има рок од три дена за да поднесе жалба до Кривичен совет составен од тројца судии, кој одлучува во втор степен. Барања за одлагање на казната имаат поднесено сите петмина бранители на поранешниот премиер, датирани со 29 октомври, и судијата за извршување санкции ќе треба поединечно да ги разгледа и оцени.
Поранешниот премиер бара одлагање на издржување на казната бара и од Врховниот суд. Неговите адвокати ова го предложиле уште минатата недела во барањата за вонредно преиспитување на пресудата.
А, останува отворена дилемата дали и воопшто Врховниот суд ќе се произнесе. Зашто, според членот 466, став 4, од ЗКП, за тоа е надлежен првостепен суд или судот надлежен за одлучување по барањето за вонредниот правен лек. Така што, ако се изјасни првостепениот суд, тогаш за тоа не ќе треба да се изјаснува и Врховниот.
Ако се почитуваат максималните рокови, експремиерот најдоцна до 8 ноември треба да се јави на издржување на двегодишната казна затвор.
Судијата Џолев информираше дека судењето за предметот поврзан со убиството на Никола Саздовски ќе почне на 9 ноември во 10,30 часот.
Comments are closed for this post.