Американскиот претседател Џозеф Бајден ги продолжи за уште една година итните мерки поврзани со регионот на Западен Балкан, кои првично беа прогласени со декрет во 2001 година, соопшти Белата куќа.
Состојбата на Западен Балкан продолжува да претставува закана за националната безбедност и надворешната политика на Соединетите Американски Држави, предупреди американскиот претседател Џозеф Бајден во порака до Конгресот, во која информираше дека затоа е неопходно продолжување на извршната наредба за вонредната ситуација за Западен Балкан.
Како што беше објавено на веб-страницата на Белата куќа, Бајден ја продолжи Националната извршна наредба за вонредни состојби во Западен Балкан, во согласност со Законот за меѓународни економски овластувања за вонредни состојби, за да се справи со невообичаени и исклучителни закани за националната безбедност и надворешната политика на САД.
Оваа извршна наредба првично беше потпишана на 26 јуни 2001 година и се однесува на заканата за безбедноста на Соединетите Држави, предизвикана од дејствијата на оние што дејствуваат за да го попречат спроведувањето на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 10 јуни 1999 година во Косово.
Регулативата се однесува и на лица кои се вклучени или помагаат, спонзорираат или поддржуваат екстремистичко насилство во Македонија и на други места во регионот на Западен Балкан, или против лица кои дејствуваат на начин што го попречуваат спроведувањето на Дејтонскиот договор во Босна и Херцеговина.
Comments are closed for this post.