Зоран Азманов е првиот бизнисмен кој јавно проговори за случајот „Рекет“, велејќи дека уште во февруари годинава јавно кажал дека Бојан Јовановски му барал рекет за да не објави компромитирачки материјали. Во изјавата за магазинот Фактор, Азманов вели дека Боки 13 ги злоупотребувал врските со бившиот секретар на СДСМ, како и со други моќни фигури на власта како што се Директорот на финансиската полиција и Главната специјална обвинителка Катица Јанева.

„Јас сето тоа го кажав пред шест месеци и истото денес се потврди, каде што во неговата телевизија се најдени снимки со наводна компромитирачка содржина од мои приватни разговори. Меѓу другото најдени се и за многу други бизнисмени со што се потврдува и моето тврдење дека институциите на државата – СЈО и Финансова полиција работеле во спрега со Боки 13 за мое рекетирање“, вели Азмаов.

Тој му се обраќа и на новинарот Сашо Ордановски а повод е емисијата Инсајдер, за кој Ордановски тврдел дела е емисија со највисоки стандарди.

„Тоа што Сашо Ордановски го тврдеше во своите вести заедно со Боки 13, дека Инсајдер била емисија која се емитува врз основа на највисоки критериуми во новинарството и веродостојни докази излезе дека е чиста лага, па го повикувам овој познат новинар, наводно голем поборник за правда, го повикувам на било кој медиум на дуел за да видиме кој е градежна мафија, а кој е медиумска мафија“.