Тензична, мачна и нервозна. Вака може да се опише атмосферата која владееше вчера во Собранието. Никој од пратениците но и од новинарите не можеше да претпостави дека тоа ќе биде долг ден кој ќе заврши во раните утрински часови.

Првично седницата беше закажана за во 12 часот но таа никако не започнуваше. Забележително беше што беа присутни речиси сите пратеници од владејачкото мнозинство, па дури и Али Ахмети, Мендух Тачи и Зијадин Села кои инаку ретко доаѓаат во Собранието.

Нивното присуство навестуваше дека ќе се случува важно.Но како што одминуваше времето од Седницата ни трага ни глас.

Пратениците де влегуваа де излегуваа од салата. До новинарите доаѓа различни информации, проверени и непроверени дека мнозинството е обезбедено, до тоа дека се чека американскиот дипломат Метју Палмер да го „обезбеди“ мнозинството и дека седницата ќе се одложи за среда.

Информација стигна дури околу 19 часот дека седницата ќе продолжи во 21 часот. Во тие неколку часови атмосферата во Собранието наликуваше на онаа кога се потишуваше договорот од Пржино и кога беа инвловирани дипломати од ЕУ и САД. Тука беа и најголемиот дел од главните ликови од преговорите пред три години во Пржино.

Дел од пратениците тврдеа дека во Собранието е и американскиот амбасадор Џес Бејли, иако за тоа нема потврда. Како што растеше тензијата така во и околу Собранието се зголемуваше полицикото обезбедување.

И седницата која беше најавена за 21 започна со час и половина задоцнување. Сите пратеници седнаа на своите места и кога сите очекуваа расправата да продолжи спикерот Џафери го стави предлогот за отворање на уставни измени на гласање.

Веднаш по гласањето против, поголем дел од пратениците на опозицијата застанаа во еден ред , а во столчињата останаа единствено оние осум претеници кои ги подджаа уставните измени. Но она што беше воочливо е што изостана славеничкото расположение кај владејачкото мнозинство кои едвај да си честитаа меѓу себе.

По завршувањето на седницата следеше обраќање на владејачкото мнозинсто на чело со премиерот Заев, и за крај на долгиот ден после полноќ  пресот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на кој објави дека пратениците кои гласаа за промена на Уставот ќе бидат исклучени од партијата.

Прес на ДУИ во два часот, извика некој од снимателите… за среќа немаше такво нешто.