Јункер, Могерини и Хан во заедничко соопштение го поздравија усвојувањето на Преспанскиот Договор во Грција.

Претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, високата претставничка за надворешна политика, Федерика Могерини и еврокомесарот Јоханес Хан, во заедничко соопштение топло го поздравија новиот чекор во усвојувањето на Преспанскиот договор, со кој земјата станува Северна Македонија.

Од самиот почеток ЕУ силно го поддржа историскиот договор потпишан од премиерите Ципрас и Заев под водство на ОН. Потребна беше политичка храброст, лидерство и одговорност од сите страни за да се надмине еден од најтешките спорови во регионот. Двете земји ја искористија оваа уникатна прилика која дава пример за помирување во цела Европа и ќе донесе дополнителен поттик за европската перспектива на регионот, се вели соопштението.

Хан, Могерини и Јункер истакнаа дека ги чекаат следните процедурални чекори во спроведувањето на договорот.

Но, веќе можеме да кажеме со сигурност дека денеска Атина и Скопје, заедно, испишаа нова страница во нашата заедничка ЕУ иднина.