Седум проценти да не попишете, а да тврдите како Влада и институции дека е успех, не е успех, порача денеска во „Утрински брифинг“ професорот и аналитичар, Петар Атанасов.

-Не може да не попишете 130.000 луѓе. Кои се тие 132.000 луѓе? Ако му веруваме на Павле Трајанов дека најголем дел се Македонци, тогаш не се точни и вкупните податоци за етничката припадност на населението, Македонци тогаш има многу повеќе од официјално наведените 58,44%. Има големи прашања околу пописот, некои се технички, но можеме да зборуваме и за политика, рече Атанасов.

Според него, проблематично е попишувањето на дијаспората, процес кој е сосема непотребен да се направи во моментот со пописот на населението, становите и домаќинствата во Македонија.

-Зошто се попишуваше дијаспората? Кој ѓавол ги тераше да ја попишуваат дијаспората, кога не можат 100.000 луѓе да пронајдат во оваа држава? Па, во 2011 година беше прекинат пописот во десетиот ден, а битката беше дали ќе се попишува дијаспората, потсети Атанасов и додава дека тоа е круцијално прашање и има простор за цела година да се попишува дијаспората. Се појавија суштински прашања, не може директорот да дава политички одговори, вели Атанасов.

Тој се осврна и на прашањата поставувани во пописните листи, кои оставија простор граѓаните да се декларираат по етничка припадност, религиска припадност и културни карактеристики, што во суштина не го бара ЕУ од државата.

-Не се наивни овие бројки, зашто на Балканот носат до историски пресврти, резимираше Атанасов и посочи дека внимателно треба да се видат податоците и да се направи суштинска анализа.