Директорите и управителите на државните институции, агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија, општините и акционерски друштва во државна сопственост ќе бидат казнети со 2.000 евра доколку не им дадат работни задачи на „рамковно“ вработените административци, според-предлог законот кој влезе во Собранието а ќе се носи по брза постапка.

Министерството за политички систем, каде инаку се вработени нераспоредените административни службеници кои со години добиваат плата а не одат на работа, ќе го изготви планот каде тие ќе работат активно, владата ќе го усвои овој план, а потоа ќе им биде даден на директорите, претседателите, градоначалниците и управителите кои ќе треба да го прифатат.

Глоба во износ од 2000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на одговорното лице во институцијата доколку не ги усогласат актите за внатрешна организација и актите за систематизација на работните места согласно со членот 5 на овој закон, се вели во предлог-законот.

Работното место на вработениот треба да биде на исто ниво како неговото претходно вработување. Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, најдоцна 15 дена по влегувањето во сила на овој закон, на Владата ќе и го предложи предвидениот план, пишува во законот. Во истиот план кој ќе го сработи министерството под водство на првиот вицепремиер Артан Груби, за секој „рамковно“ вработен ќе стои називот на институцијата во која треба да биде преземен.

извор: Фактор