Од ден во ден оваа Влада на чело со Зоран Заев влегува во се поголеми скандали. Последниот во низа е личната ургенција на Зоран Заев кај граничните службеници на граничниот премин Деве Баир да пропуштат 5 патнички возила со патници во 1 часот по полноќ во полициски час, изјави на денешната прес конференција, Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
– Се уште молчи цела Влада, молчи и Зоран Заев, а молчи и МВР и Оливер Спасовски, зошто лично се јавил Зоран Заев како премиер да ургира за овие 5 возила да ја поминат границата во 1 часот по полноќ? Ова не е работа на премиерот, па затоа прашуваме, која била причината лично Зоран Заев да се јавува да се пропуштат возила на граничен премин во полициски час? Што превезувале истите возила за кои се јавил лично Зоран Заев?
Кои службеници се тие што ја спровеле насоката на Заев, иако не смеат да примаат насока од премиер туку си имаат хиерархија? Дали е извршен претрес на овие возила и да се види дали превезувале нешто? Дали можеби со ова јавување на Заев нема простор за сомнеж за потенцијален шверц во полициски час на одредени работи, прашува тој.
Арсовски посочи дека сигурно е после јавувањето на Заев, никој не ги проверил овие возила што превезувале. Тој вели дека според нивните информации се работи за 3 возила од Скопје, едно од Тетово и едно странско возило од Косово со косовски регистарски таблички и косовски државјани.
– Кои се овие луѓе што се толку важни за лично Заев да се јавува за да ги пропуштат во полициски час? Згора на се, кои се службениците кои се обиделе да ги сокријат во службените белешки овие возила дека поминале, а најпрвин потенцирале дека Заев лично се јавил да ургира за нив? Дали и ова заташкување и бришење од евиденција е по насока на Зоран Заев? Што се обидуваат да сокријат? Ова се суштинските прашања за кои бараме одговори: Зошто Зоран Заев лично се јавувал кај службеници да пропуштат 5 возила, од кои имајќи во предвид едно е возило од Косово и не се македонски државјани и што превезувале истите возила? Нејаснотиите мора да се разрешат, владата и МВР мора да одговорат, а одговорност мора да се сноси, додаде Арсовски.
Comments are closed for this post.