Претходно слушнавме за еден градоначалник од Скопје на СДСМ којшто тепа свои сограѓани, денеска ќе слушнеме за еден градоначалник којшто единствено што работи е што дозволува да се градат дивоградби низ целиот Охрид, рече на денешната прес-конференција Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека урбаната мафија со поддршка на СДСМ во Охрид никако не запира.

„Нема намера да запре ни од страна на СДСМ, ниту пак да биде запрена од страна на градоначалникот. Иако Охрид е под сериозна закана да ја загуби титулата од УНЕСКО и да биде тргнат од листата за заштита на културно природно наследство, сепак СДСМ мува не ги лази и немаат намера да ги стопираат дивоградбите којшто никнуваат како печурки низ целиот град.

Овој пат, дивоградба на брегот на Охридското езеро на стариот пат помеѓу Охрид и Струга на нелегален начин, блиску до езерото до самиот брег, со месеци наназад гради бетонска база  советникот кој е дел од коалицијата на власт во Охрид, Нефи Усеини, советник за кој се зборуваше дека пред некој извесен период на седница на Советот физички нападна друг советник затоашто не гласал по негово убедување.

За оваа дивоградба од бетонска база, Константин Горѓиевски градоначалникот на Охрид знае, но сеуште нема  преземено ништо, како и за секоја друга дивоградба којашто никна во Охрид“, додаде Арсовски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека бетонската база не поседува никакви потребни дозволи од општината, а нема ни одлука од Министерството за животна средина,  кадешто треба да добие еколошка дозвола за градба.

„Оваа дивоградба не поседува ниту една дозвола и треба веднаш да биде срушена од страна на општината и градоначалникот. Но, од општината молчат и ден денес бидејќи тоа е дел од предизборната коалиција на Константин Ѓорѓиевски од СДСМ и советникот кој пола Охрид го изгради нелегално со дивоградби“, рече Арсовски.

Тој потсети дека советникот Усеини има изградено и нелегален објект во старата чаршија до чинарот и се уште не е преземено никаква мерка од страна на Општината.

„Да потсетиме дека и минарето на нелегален начин беше изградено, за повторно општината, градоначалникот и Заев да ги лажат граѓаните и да не преземат ништо кое е во рамките на Законот за градење. Охрид е претворен во градилиште на дивоградби, и секој што ја има задолжено СДСМ со нешто пред изборите  гради каде ќе стигне, без притоа никој  да одговара.

Заради личните интереси и политички пазари на СДСМ и Константин Ѓорѓиевски единствено трпат штета граѓаните на Охрид и самиот град кому му се заканува отстранување од листата на УНЕСКО.

Доколку му се искрени намерите на градоначалникот, да го среди градот и на СДСМ  да завладее законот треба уште веднаш да се срушат  сите диви објекти во градот, вклучително најпрво да се почне од оваа бетонска база којашто е на  советникот од Коалицијата на власт во Охрид.

Во спротивно, еден ден, ќе одговараат сите инволвирани за ова силување на градот и на општината“, порача Димче Арсовски.