На 16 години затвор е намалена казната на Поранешниот директор на БЈБ, Митко Чавков кој беше осуден на 18 години затвор, поради случајот 27 април.

По речиси две години, Апалциониот суд денеска ги преиначи казните и интервенираше во висината со намалување. Но, од оваа одлука не е задоволен адвокатот на Чавков кој очекуваше укинување на пресудата.

Единствен кој што останува на слобода е оперскиот пејач Игор Дурловски и покрај жалбата на Вилма Русковска тој да биде осуден, сепак апелација му ја потврди ослободителната пресуда.

Две години помалку во затвор ќе бидат и дел од припадниците на безбедносните сили, а дел, една година помалку. Казните од 15 години за Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски, Мунир Пепиќ се намалени на 13 години затвор. Затворските казни се намалени и за организаторите на протестите преку кои се упадна во законодавниот дом.

Наместо првично досудените 15 години за Јане Ченто, тој сега има 13 години затвор. Александар Василвски – Нинџа сега ќе лежи седум години затвор.

Обвинетите сите беа осудени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, за што адвокатите бараа преквалификации и полесно дело, поради фактот дека од собранискиот упад произлегоа и случаи со учество во толпа и насилство.

За упадот во Собранието првично им се судеше на 33 обвинети, а 15 од нив беа амнестирани, меѓу нив пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски за кои судот не можеше да докаже дали се виновни или не за 27 април.