Државната комисија за спречување на корупција реагира  во врска со објавениот тендер од страна на Општина Охрид за избор на фирма која ќе ги руши дивоградбите во Охрид, каде меѓу двете фирми кои доставиле понуди на тендерот е и фирмата во сопственост на членот на советот на Општина Охрид,  Нефи Усеини,  кој е сопственик и на пицеријата – дивоградба кај Чинарот во Охрид

Оттаму укажуваат  на ограничувањата кои се однесуваат на службените лица во соработка со правни лица, што се во нивна сопственост или во сопственост на нивни блиски лица, а во насока да превенира потенцијален судир на интереси што ќе настане доколку не се почитуваат тие ограничувања.

Ова од причини што, во член 51 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси е предвидено следното:

Службено лице во вршењето на својата функција, јавни овластувања или должности не може да воспостави деловни односи со правно лице кое е во негова сопственост или во сопственост на член на неговото семејство или во кое тој или член на неговото семејство поседува акции или удели или кое го основал тој или член на неговото семејство или во кое одговорното лице е член на неговото семејство“.

Имено,  фирма што е во сопственост на лицето Нефи Усеини, или во сопственост на негови блиски лица, не може да воспостави деловни односи со Општина Охрид, каде истото лице е член на совет. Доколку, службеното лице постапи спротивно на овој член, на склучениот договор се применуваат одредбите за ништовност на договорот од Законот за облигационите односи.