Поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов ќе мора да се сели од неговите службени простории во зградите на „Џевахир“ во скопската населба Аеродром. Ова е заклучокот на Антикорупциската комисија, која на денешната седница соопшти дека ќе побара од Службата за општи и заеднички работи на Владата да го раскине договорот за закуп на просториите на и да му додели канцеларии во државна сопственост.

Првата антикорупционерка Биљана Ивановска рече дека сегашните простории на Иванов се избрани во нетранспарентна постапка и се најмени од блиско лице. Месечно, според Ивановска, за сите трошоци се плаќаат околу 4.500 евра, без платите на вработените.

Ивановска рече дека во мала и сиромашна држава како нашата се трошат многу средства за поранешните претседатели, а нема ниту ограничувања колку години треба да им се покриваат трошоците по завршувањето на нивниот мандат, како што е во најголем број држави во регионот и пошироко. Тие, како што кажа таа, дури не поднесуваат ни извештај какви активности имале или имаат.

Според пресметките на Антикорупциска, за десет години за трошоците на поранешните претседатели се потрошени 1.090.580 евра. Од тие причини ДКСК исто така предлага да се поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценка на уставноста за Законот и да се поднесе иницијатива до Собранието за преиспитување на законското решени во смисла на ограничување на времетраењето на привилегиите на поранешните претседатели.