Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги соопшти дека радиодифузерите може да објавуваат резултати од испитувања на јавното мислење во врска со референдумот најдоцна до пет дена пред датумот одреден за гласањето. Тоа значи дека резултати од анкети на јавното мислење може да се објавуваат заклучно со 24 септември 2018 година.

Како што соопшти АВМУ, рефендумскиот молк започнува 48 часа пред денот на гласањето, односно на 28 септември 2018 година и завршува со затворањето на гласачките места во 19 часот на 30 септември 2018 година. За време на молкот треба да престанат сите облици на јавна пропаганда поврзана со референдумот.

Агенцијата додава дека следната недела ќе бидат објавени извештаите за констатираните прекршувања и првиот извештај за медиумското покривање на референдумот.