Зголемување на кинеското и руското влијание, недостаток на транспарентност во политичките партии и огромна поддршка за иницијативата „Отворен Балкан“ меѓу македонските граѓани, покажуваат резултатите од најновата анкета на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), што била спроведена кон крајот на минатата година.

Во однос на надворешната политика, 64 отсто од граѓаните на Македонија се согласуваат дека силните односи со Кина им служат на нивните интереси. Шеесет проценти истото го мислат за Русија. Ова е зголемување од единаесет проценти за Кина и шест проценти за Русија во однос на анкетата спроведена во февруари 2020 година. Новообјавената анкета покажува и силна поддршка за Европската унија (ЕУ) и САД. Севкупно, 85% се согласуваат дека силните односи со ЕУ најдобро им служат на интересите на Северна Македонија, 76% го делат истото мислење за САД.

– Додека С.Македонија се труди да постигне демократски напредок, загрижува фактот што Кина и Русија продолжуваат со постојаните упади, вели Пол Мекарти, регионален директор на ИРИ за Европа, додавајќи дека, за среќа, поддршката за блиски партнерства со ЕУ и САД останува многу силна.

На прашањето за политичките партии, само 21 отсто од граѓаните на Македонија веруваат дека тие се транспарентни во работењето со парите добиени од државниот буџет. Дури 48% не биле запознаени со износот на државниот буџет, што годишно се издвојува за финансирање на политичките партии.

– За една демократија да биде успешна, апсолутно суштинско е политичките партии да изградат доверба. Оваа анкета покажува дека транспарентноста во политичките партии во иднина треба да биде приоритет, вели Мекарти.

Високи 75% од возрасните ја поддржуваат иницијативата „Отворен Балкан“, серија договори во кои се вклучени Албанија, Македонија и Србија за да помогнат во олеснувањето на трговијата, бизнисот и движењето на граѓаните меѓу земјите.

Анкетата е направена пред инвазијата на руската војска на Украина.