Во книгата нема клевети, вели за Пресинг ТВ, поранешниот претседател на Собранието на РМ и долгогодишен политичар и од времето на едноумието и од времето на демократскиот плурализам, Стојан Андов.

Основниот суд Скопје-2 донесе решение за привремена мерка, забрана на продажба и располагање на книгата на Стојан Андов „До атентатот и по него“ по тужбата на Љубомир Фрчкоски за повреда на неговите лични права, односно за клевета во врска со атентатот на поранешниот претседател Киро Глигоров.

Одлуката на судот не сум ја добил се уште за да можам да видам што во неа пишува. Секако, имам право на жалба. Но, мене непријатно ме изненадува тоа што судот донел ваква одлука уште пред одржување на судската расправа закажана за 27 мај годинава. Ова е прејудицирање на работите. Самиот факт, што е донесена ваква одлука, го урива угледот на јавноста, на државата и на нејзиниот углед. Вкво нешто досега немало. Можеби таму некаде по војната имало нешто за некои книги на Венко Марковски, но сега е сосема друго време во кое како држава одиме во сосема друг правец, ни изјави Андов.

Од Основниот суд Скопје 2 ја потврдуваат одлуката со напомена дека се работи за времена мерка до правосилно завршување на постапката.

Тужителот Љубомир Фрчкоски поднесе тужба за утврдување на одговорност за клевета и нематеријална штета. Со тужбата тужителот поднесе и предлог за определување на привремена мерка. Основниот суд Скопје 2, постапувајќи по предлогот на 11 март 2019 година донесе Решение со кое предлогот на тужителот за определување на привремена мерка е усвоен и се забранува понатамошна продажба и располагање на книгата. Оваа мерка важи од денот на донесување на Решението до правосилно завршување на постапката за утврдување на одговорност за клевета и надомест на нематеријална штета, велат од Основниот суд Скопје 2.

Книгата распродадена

Интересен куриозитет ја следи книгата на Стојан Андов со одлуката на судот таа привремено да биде забранета за продажба. Како што нефицијално дознава Пресинг ТВ, издавачот на „До атентатот и по него“, Матица македонска го распродала целиот тираж на мемоарската нига на Андов.

Така, одлуката на Судот може да се однесува само доколку таа повторно се печати. Првото издание било испечатено во илјада примероци.