Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети му ја честиташе победата на Стево Пендаровски и оцени дека станува збор за триумф на концептот за консензуална демократија. Според него тешко било да се спроведе тој концепт и да се објасни пред јавноста, но бил единствен пат за одење напред.

Консензуалната демократија е основен принцип од Охридскиот рамковен договор и единствена алтернатива која ќе не носи на патот кон НАТО и почнување преговори со Европската унија. Овој концепт не зближува со меѓународната заедница, а се спротивно ќе значеше состојба во која другите земји ќе сметаат дека не сме подготвени како земја да започнеме преговори-рече Али Ахмети.

Според лидерот на ДУИ, опозоцијата кај Албанците тргнала по погрешен пат.

Вознемирен сум што нивниот бојкот и што одлучиле да одат по други погрешни патишта кои ја оддалечуваат земјата од евроатлантските структури, рече Ахмети.

Тој посочи дека неговата партија, како и другите субјекти на Албанците како ДПА, Алтернатива и НДП се клучни за гласовите на Албанците.

Според неофицијалните информации обезбедени се од 100 до 130 илјади гласови на Албанците за победата на Пендаровски. Идниот претседатеl треба да ја има во предвид волјата на сите граѓани и да биде дел од процесите за зачленување на земјата во НАТО и ЕУ, вели Ахмети.