Али Ахмети е ист или почнува да станува бледа копија на Зоран Заев. И за тоа не се потребни посебни томови, туку само една изјава. Зашто, работата се врти околу срцето, оној витален дел од човечкиот организам, кој истовремено треба, на извесен начин, да симболизира човечка чесност и искреност.

Потценувајќи ја интелигенцијата на народот, поранешниот премиер и лидер на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев, се утепа од ставање на десната рака на своето срце за милион поводи. Од промената на државното име, па преку промената на Уставот со цел промена на државното име, па во македонската жица на своите претци и деца, во 30.000 просечна месечна плата, за искрените намери во барањето гласови на македонските Албанци, за борба против корупцијата, за реформи во правосудниот систем… Кој ќе памети веќе што сѐ не ветуваше, што сѐ не излезе лага, важно левата рака му беше на срцето. Тоа не се заборава. Ама затоа и денес сме таму каде што бевме според сите релевантни показатели од сферата на економијата, па до реформите, особено во правосудството во кое довербата на населението е одвај 8%. А, тоа ни го соопшти никој друг, туку американската амбасадорка Кејт Мери Брнз.

Сега неговиот главен коалиционен партнер, Али Ахмети, или подобро речено, премиер наместо премиерот намесник Димитар Ковачевски, се фати за неговото срце. Во последното гостување за ТВ 21, меѓу другото, рече дека и од некогашното СЈО и од ОЈО барал да отворат предмети за него и за ДУИ, но тие едноставно не отвориле. Притоа, ги повика медиумите да ги истражат функционерите на неговата партија.

-Кај мене не е пријавен ниту еден случај на корупција во кој е вмешан член или функционер на партијата. Јас побарав во Специјалното јавно обвинителство, верувајте, ова е од срце, побарав во Јавното обвинителство, господа, отворете истраги за ДУИ, за функционерите на ДУИ, од централно ниво до локално ниво, почнете од мене. Не сум побарал да се почне од другите, почнете од мене, изјави Ахмети (Фокус.мк, 6 јуни 2022 година, „Ахмети ги молел СЈО и ОЈО да отворат истраги за ДУИ“).

Значи, од Али Ахмети од срце. Рече што рече и остана жив. Тој бара, ама ни некогашното СЈО, ни актуелното ОЈО не му даваат. Пардон, никако да ги истражат за корупција функционерите на ДУИ од локално до државно ниво, а уште помалку, како што самиот барал, да почнат од него.

Многу е лошо кога човек од калибарот на Али Ахмети игра на картата на кратко паметење, а уште полошо е кога ќе сака да се претстави како причестена девица Марија.

А, што, всушност, свесно или несвесно ни кажа Али Ахмети?

Али Ахмети ни кажа дека и обвинителството и судството се под длабока контрола на власта во која влегува и неговата партија. И што е уште поважно, дека неговата ДУИ, за жал, ја има издигнато корупцијата на многу повисоко, институционално ниво, при што од суштинско значење е партискиот настап од позиција на сила и моќ!

Ајде да прашаме и да го потсетиме, на пример, зошто беа сменети судиите од процесот за изборни нерегуларности на претставници на ДУИ, што стана со дивоградбата наспроти амбасадата на САД, што стана со укажувањата на Антикорупциската комисија за автомобилот од 70.000 евра на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, што стана со дивоградбите во Сарај, што стана со дивоградбата кај Мавровка, што стана со намерното не плаќање од страна на бившата тетовска градоначалничка Теута Арифи по загубен судски спор, што на Општина Тетово ѝ донесе загуба од еден милион евра, што стана со цела зграда дивоградба во Општина Чаир, што стана со распределбата на буџетски пари за тетовските портали наклонети кон ДУИ, што стана со несудената конзулка во Њу Џерси во Њујорк, што стана со заменикот началник на БЈБ, кој ослободи лице кое пукало врз полицајци…

Па, има ли подобар показател за злоупотребата на моќта на ДУИ од последните настани во Собранието на РМ?! Барањето за простотилакот на спикерот Талат Џафери, манифестиран преку пцости и омаловажување на вработените во највисокиот законодавен дом не стигна да се најде ни на дневен ред на собраниска седница! Големиот командант Форино, алијас претседател на Собранието на РМ, Талат Џафери, како жена се сокри во бурка! Колку да може само да гледа со очите, што се случува во Собранието. Ама, неговиот простотилак не може ни бурка да го сокрие. Ќе остане запаметено дека тој е првиот и единствен собраниски спикер, кој пцуел, навредувал и омаловажувал вработените! И тоа не може да го избрише никаква реторичка еквилибристика од типот дека не ги пцуел вработените, туку нивното неработење.

Кога нема ништо попаметно да каже, подобро е Ахмети да молчи, барем за корупцијата. И аман веќе од рака на срце или со изјави од срце.