Албанец од Македонија во понеделникот со нож ја усмртил неговата сопруга, исто така македонска државјанка.

Според порталот на албански јазик во Швајцарија, „Албинфо“, телото на несреќната жена било пронајдено истиот ден доцна попладне во станот во Цирих во кој живеела со децата, додека вечерта убиецот бил приведен во кантонот Сент Гален.

Осомничениот за убиството Илир Б. (37) бил познат по насилното однесување и закани кон сопругата Луиза (34).

Илир во февруари 2018 година бил уапсен и му бил забранет контакт и приближување до станот на жената и децата. Во април годинава повторно почнал да ја вознемирува по што полицијата му забранила било каков престој во поширокиот регион. До крајот на јули кога завршила забраната тој строго го почитувал тоа – пренесува Албинфо.

Во меѓувреме Илир се вселил во стан во близина на зградата каде живеела Луиза со децата, за кои таа му дозволува да ги види.

Во неделата Илир ја посетил сопругата во станот, а поради чудното однесување роднини кои биле кај неа ја изветиле полицијата. Истиот ден во полицијата имало уште две јавувања против него, но и покрај напорите полицијата не успеала да го пронајде.

Околностите и мотивите за убиството се уште не се познати.