Вкупно пет лица, од кои тројца во Шпанија и две во нашата држава, се уапсени, а по други две, еден турски и еден грчки државјанин се трага, како членови и инволвирани во меѓунардона криминална група која незаконски набавувала и продавала кокаин. Во случајов се работи за 700 килограми кокаин набавен од Колумбија, кој преку Шпанија бил наменет за западноевропските земји, а чија продажна вредност на големо може да достигне цена од 20 милиони евра.

На денешната заедничка прес-конференција на министерот за вантрешни работи Оливер Спасовски, со обвинителката од Јавното обвинителство за борба против организирниот криминал и корупцијата, Маја Коневска, беше потенцирано дека на 18 декември Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во рамки на меѓународна полициска операција заедно со полициските служби на Шпанија и Колумбија, а во координација на а,ериканската агенција за борба против дрога ДЕА, спроведе полициска операција за лишување од слобода на лица – членови на меѓународна организирана криминална група.

 

Целта на меѓународната операција, потенцира Спасовски, беше сузбивање на организирана криминална група и лишување од слобода на лицата идентификувани како дел од меѓународна криминална мрежа составена од криминални соработници од Северна Македонија, Шпанија, Колумбија, Белгија и други држави.

– Членовите на меѓународната органзирана криминална група на лице идентификувано како капетан на брод му исплатиле парични средства во вкупен износ од 850.000 евра како дел од сумата договорена за извршување на транспортот на кокаинот од Колумбија до Шпанија. Дрогата е запленета во Мадрид, Шпанија на 18 декември 2019, изјави министерот Спасовски.

Лидер на оваа група, бил првопријавениот В.Б. кој заради впишана забрана за патување во земјите од ЕУ, го ангажирал неговиот брат В.Б., резидент на Белгија, со кого остварувал редовни контакти и средби во Скопје и во период јули-декември ги договарале чекорите за пренесување и дистрибуција на кокаинот.

Откако биле договорени сите детали на преземањето на кокаинот во Мадрид, на почетокот на декември, пријавената С.С., истакна министерот Спасовски, по инструкции на нејзиниот сопруг В.Б. резервирала апартман во Мадрид на име на неговиот брат В.Б. и го платила со сопствената кредитна картичка.

 

– Исто така, С. С. во текот на октомври 2019 година отпатувала за Мадрид преку Софија, за во име на нејзиниот сопруг В. Б. од Н.Н. шпански државјанин да подигне износ од 10.000 евра, најверојатно поврзани со криминалните активности на оваа криминална мрежа, појасни Спасовски.

На денот на преземањето на кокаинот, на 18 декември 2019 година во симултана операција во Шпанија и Северна Македонија, лишувањето од слобода на лидерот на групата во земјава било реализирано, веднаш по лишување од слобода на неговиот брат и двајца шпански државјани во Мадрид, од страна на Шпанската национална полиција, во момент на превземање на комбе „Рено“ со 700 килограми кокаин.

Карактеристично за оваа организирана криминална група е тоа што комуникацијата се одвивала на лични и непосредни средби остварени помеѓу членовите и тоа во Скопје, Мадрид, Белград, и Дубаи, потоа Канкун (Мексико) и Картагина (Колумбија) и преку интернет комуникација со висока заштита.

На 19 декември 2019, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против две лица и тоа:  В.Б. (54) од Скопје и неговата сопруга С.С. (59) од Скопје за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.

Обвинителот Коневска потсети дека на 19 декември донела наредба да се спроведе истрага против две лица македонски државјани, осомничени дека имаат преземено дејствија на неовластено купување заради неовластено продавање кокаин. Таа нагласи дека кокаинот и купен во Колумбија и е пренесен до Шпанија, по што е скриен во магацин во Мадрид додека да се најдат купувачи.

– Во моментот кога се најдени купувачите, дрогата е пренесена од магацинот во возилото, кога и доаѓа до аспењето. Поврзаноста на сторителите во Мадрид и во Скопје беше јасно и евидентно. Извршен е претрес на две локации во Скопје, една е местото на живеење на двајцата обвинети. При претресите најдени се докази што се доволно силни за овој момент да се потврди основаноста на сомнението, појасни обвинителката Коневска.

Таа најави дека ќе се оствари координативна средба со сите обвинители во сите земји од каде потекнуваат сторителите на кривичните дела и каде се преземени дејствија на извршување, на која ќе се споделат информациите, ќе се разгледаат доказите што се прибавени при претресите, по што ќе се заземе заеднички став во кој правец понатаму истрагата ќе се движи.

На новинарско прашање зошто за осомничената С.С. е побарана мерка притвор по три основи, обвинителката Коневска меѓу другото образложи дека не секогаш сите учесници – сторители на кривично дело за кои постои основано сомнение дека се сторители, се во еднаква улога.

– Обвинетиот се појавува како сторител на кривично дело во една западноевропска земја и за истото тоа кривично дело е суден на затворска казна, што ја издржал. За тоа време обвинетата не е судена, досега не е позната како сторител на кривично дело. обвинетиот е невработен, а обвинетета има постојано место на вработување. Она што исто така е многу важно мерката притвор и мерката куќен притвор, се мерки за обезбедување присуство и сметав дека е сосема доволно за да се обезбеди нејзиното присуство, изјави обвинителката Коневска.