На заминувањето од лидерската позиција во владејачкиот СДСМ, премиерот во оставка Зоран Заев обелодени еден ситен детал што ја илустрира целата рашомонијада кај државниот врв, која владее во однос на односите со Бугарија.

Заев отворено кажа за што телефонски разговарале со новиот бугарски премиер Кирил Петков. Суштината не се сведува на содржината на македонските одговори на бугарските барања од „патната карта“ или 5+1(+1) прашања за подигање на бугарското вето за почетокот на преговорите за членство во ЕУ, туку на договорениот рок за добивање на одговорот од Софија.

Притоа, Заев и Петков се договориле тој да не биде подолг од шест месеци, што значи дека Бугарија си дала „фора“, а Македонија тоа го прифатила.

Дали за ова Заев ги информирал претседателот на државата Стево Пендаровски и министерот за надворешни работи Бујар Османи?

По се изгледа-не!? Зашто, и Пендаровски вчера од Косово, а Османи ден претходно во настап на домашна телевизија истакнаа дека периодот од шест месеци е предолг!

Ако Заев се договорил со Петков, тогаш чуму е продавањето магла од страна на Пендаровски и Османи?!

Петков и Бугарија, слободно интерпретирано, само го манифестираат државничкиот приодот кон целиот проблем и заштитата на националните интереси во кои не оставаат простор за никакви случајности при анализата на дадените македонски одговори.

Од друга страна, пак, нашата владејачка елита продолжува да се однесува како „гуски во магла“. За неа е поважно само моментално да ја зачува власта, отколку навистина да ја стабилизира целата политичка состојба. Измислувањето некаков француски предлог во пракса се покажува само како купување време и ништо друго.

Наместо тоа, многу подобро ќе биде и за државата и за општеството во целина претстојната „фора“ да биде максимално искористена за информирање на јавноста со дадените одговори на 5+1(+1) бугарски барања. Само широка јавна дебата може да ги смири и политичките тензии и избегувањето на можноста за влегување во нова стапица, особено поврзана со идентитетските прашања, од која потоа ќе нема можности за никаков излез.