„Денес Вие, почитуван судија, кажавте дека мојата обврска за давање на завршен збор произлегува од членот 531 од ЗКП. Тоа беше последната реченица која денес ја кажавте. Во таа смисла на членот 531 на ЗКП јас ќе ви ги кажам следните позиции на правното лице чиј претставник сум во оваа постапка, а тоа е политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Пред сѐ, не е странка оваа политичка партија, односно ова правно лице во оваа постапка. Не е странка согласно Законот за кривична постапка. Правата кои ги уживаме во оваа постапка и кои ни се дадени на предлог на Јавното обвинителство да воопшто учествуваме во постапката произлегуваат од одредбите на Глава 34 од ЗКП. Имено, точна е одредбата во членот 531 која Вие ја споменавте, почитуван судија, дека имаме одредени права. Но, тие права не се права на завршен збор. Напротив, јас на оваа околност ќе се произнесам за да и Советот и обвинителот, и бранителите, а пред сѐ и македонската јавност биде запознаена токму на начинот и дали воопшто е дадена можност за користење на овие права на правното лице политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во оваа постапка“, истакна Дончо Наков, претставник на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и адвокат во завршните зборови на случајот „Талир 2“.

Наков додаде дека уште во претходна постапка која се водела по тој предмет на барања на неовластен тужител, односно со пречекорување на роковите предвидени во СЈО, Законот за СЈО, а понатамошно постапување на неовластени двајца обвинители од други обвинителства по измените на Законот за јавно обвинителство кој предвидува со итна постапка во која што Републичкиот јавен обвинител е во можност да на преземените предмети од страна на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција делегира обвинители од други обвинителства кои не се во обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупција, наспроти тие одредби во предметот „Талир 2“ целосно и континуирано се застапува неовластени тужители односно јавни обвинители.

На страна од сите овие работи кои ги истакнав јас сакам да истакнам следново, во таа претходна постапка издадена наредба за привремена мерка обезбедување на имот кој според тезата на ЈО кој според предлогот на ЈО дадено во таа фаза на постапката и кој според завршниот збор на обвинителство треба да биде одземен од третото лице на кој наводно таа имотна корист е пренесена, а тоа е политичката партија ВМРО-ДПМНЕ која во оваа постапка не е странка. Затоа законодавецот точно во својата одредба од член 531 на ЗКП предвидел во која фаза на постапката и на кој начин и со кој статус лицето како што вели законодавецот – третото лице на кое е пренесена имотната корист прибавено со наводно кривично дело треба да биде повикано со кои права и со кој статус. Ова мое произнесување не е произнесување ниту во завршен збор, а уште помалку произнесување по членот 531 од ЗКП. Имено, членот 531 став 1 предвидува дека лицата кои при евентуална конфискација на имот и имотна корист прибавена со кривично дело врз кој е пренесена имотната корист, како и претставник на правното лице во конкретниов случај политичката партија ВМРО-ДПМНЕ ќе се повикаат заради испитување на главната расправа. Повторувам ќе се повикаат заради испитување на главната расправа“, рече Наков.

Наков потенцираше дека став 2 на членот 531 од ЗКП е уште поконкретен. Тој укажува во која фаза на постапка точно определено и во кое својство и на кои околности ќе се спроведе испитување на претставникот на правното лице, а во конкретниов случај политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Тој во своето говорење се осврна дека адвокатите не можат ниту да дадат завршни зборови, ВМРО-ДПМНЕ не е странка во постапката „Талир 2“.

Одбраната во случајот „Талир 2“ денеска ги дава завршните зборови.

Во случајот „Талир 2“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на владата Кирил Божиновски, кои, според обвинението на поранешното СЈО, со злоупотреба на службената положба, овозможиле правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, иако правното лице во времето на обезбедување на услугата имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.

Обвинетите спротивно на законските прописи прибавиле значителна имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во износ од 507.164.424 денари, односно 8.246.576 евра.