Грејната сезона почна со проблеми во неколку здравствени установи. Пациенти и нивни роднини реагираат дека една недела нема парно на Клиниката за инфективни болести, а немало ниту алтернативно грење, пренесува „Сител“.

Проблеми со затоплувањето изминатите денови имале и во Детската болница Козле. И двете установи се уште третираат Ковид и пациенти со компликации од други респираторни инфекции.

Од Инфективна потврдија дека поради застарена инсталација која е поставена пред 40-тина години дошло до пукање на неколку вентили и морало да се исклучи греењето за да не се предизвикаат посериозни проблеми. Од установата уверуваат дека до крајот на денот во целата зграда ќе биде пуштено парно.

-Екипи на “ЕСМ СНАБДУВАЊЕ СО ТОПЛИНА” ни ги ставија на располагање човечките и материјалните ресурси и дефектите се санираат во најбрзо време. Вечерва во целата установа ќе биде пуштена топлинска енергија, велат од Инфективната клиника.

Од Детската болница Козле велат дека на одделот за интензивна нега и во уште неколку соби вклучиле греалки додека да се поправат дефектите во топлотната мрежа.

-Се повика сервисер, се знае дека во државните установи мора да дојде тој што ги поставил да ги поправи. Така да ние не чекавме да поминат тие часови. Исто се поставени грејни тела во собите зошто не може да ги оставиме децата без грење и заради мерките на Владата за штедење на електрична енергија ние го покренавме делот каде можеме да се употребува и нафта за греење, така да надминат е проблемот и во сите соби има греење, изјави д-р Бесник Зеќири, директор на Детската болница Козле.