Од 12 до 17 часот, денеска, љубителите на ликовната уметност ќе можат да ги видат делата и да се сретнат со авторите што во изминативе десетина дена твореа во с. Слоештица, Демир Хисар, во амбиентот на меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт поинт – гумно“.

Тема на уметничката колонија „Арт поинт – гумно“ во Слоештица, на која за првпат гостуваат само македонски уметници, е „Звукот на Бела Река“. На колонијата учествуваат уметниците Дијана Томиќ Радевска, Сашо Саздовски, Пандора Апостолоска Саздовска, Филип Велковски, Горан Ристовски и Кети Талевска.

Во услови на изолација поради пандемијата, природата некако почна да ни се наметнува. Во отсуство на вревата што вообичаено ја создаваме ние, луѓето, заитани кон материјалното, звуците што ги слушаме од природата како да нѐ канат да нурнеме подлабоко во нас самите. И тогаш, ни се отвораат прашања за суштината на битисувањето, за нашата врска со природата, за уметноста како можност, локално но и глобално, да проговориме за таа релација, за водите што се поврзани и на тој начин го поврзуваат целиот свет, а особено сите уметници од светот – истакнуваат организаторите на колонијата, Ирена и Сергеј Андреевски.

Во Слоештица, Дијана Томиќ Радевска се посвети на чудесните локални приказни и излегувајќи од нејзиниот препознатлив творечки јазик создава нови визури во класична сликарска техника. Уметничката практика на Пандора Апостолоска Саздовска и овој пат е насочена кон меѓучовечките односи, истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како политичка и социолошка појава, но и различните аспекти на ненасилна агресија во модерното живеење. Сашо Саздовски се смета себеси за истражувач во културата. Неговите идеи се поврзани со теми коишто оставаат многу отворени прашања, а одговорот на секое прашање тој го дава со отворање ново прашање.

Горан Ристовски се наврати на една своја претходна творечка фаза и работи со т.н. стенсил техника – пренесувајќи го својот минималистички творечки ракопис. Освен тоа, за време на престојот на колонијата тој прави и фотографии инспирирани од поднебјето. Филип Велковски е интердисциплинарен уметник, кој на уметничкото гумно во Слоештица прави спој помеѓу традиционалните ракотворби и неговата современа сликарска практика.

Кети Талевска е млада фотографка од Битола. Таа од неодамна почна да се занимава со техниката „лумен принт“, којашто одлучи да ја примени и во Слоештица. Лумен принт е една од најстарите фототехники. Тоа е фотограм или цртање на фотохартија, која е сензитивна на светлина. Кети, исто така, го документира пулсирањето на Слоештица за време на колонијата. Ликовната колонија е делумно поддржана од Министерството за култура.