Музичарите, уметниците, угостителисте, организаторите на настани, сите работници кои некако се дел од овие индустрии, сите кому нелогичните контрадикторни протоколи донесени од власта му ја загрозуваат егзистенцијата, денеска го искажаа својот револт пред зградата на Владата.

Имате рок од два дена за одговор, инаку се плашиме и сами каков револт може да излезе од нас, порачаа сложно сите присутни, неколку стотина на број.

Тие го потсетија сегашниот премиер Зоран Заев како тој со шатори пред влада дошол на власт и порачаа дека истото може да му се случи.

Протестот започна со едноминутен аплауз за нивната борба, како и силно УА до власта, доволно силно, како што кажаа, да чуе и самиот Заев.

Одговорните од секоја индустрија пред новинарите ги кажаа своите барања, кои вклучуваат нови соодветни протоколи за работа на индустриите.

Горан Арсовски, претставник на ноќните клубови од земјава, нивниот сектор е сериозно погоден поради корона кризата.

Бараме состанок на кој ќе ги претставиме нашите барања. Изминатиот период бевме опфатени со првиот пакет мерки, кој беше за платите на вработените. Но, бизнис што не работи, не може да има вработени. Ние сме дојдени до финансиски колапс. Нашите објекти исполнуваат услови и можеме да донесеме подобри протоколи за работа. Мерење на температура на влез, електронско продавање на карти, сигурни вентилации, истакна Арсовски.

Како претставник на угостителските објекти кои организираар свадби, Екрем Мемиши пред медиумите порача дека тие не бараат печалба сред криза, туку егзистенција.

Свесни сме за кризата, но потребни се посебни протоколи за организација на свадби за и оваа индустрија да може да опстои. Од 14-ти март не работиме, а повторно успеавме да ги исплатиме своите работници и покрај тоа што немавме приходи. Бараме посебни протоколи за организација на свадби на кои секако би се почитувале мерките за заштита од ковид-19, порача Мемиши.

Тој додаде дека сите сектори веќе функционират освен угостителството и дека мора нешто да се преземе околу тоа.

За крај на протестот беше соопштено дека Заев се согласил во петок да ги прими во неговиот кабинет.