Мобилната апликација за испраќање соопштенија WhatsApp информираше дека ја пронашла и отстранила слабата точка во својот систем, што на хакери им овозможувала да инсталираат шпионски софтвер во смартфони, соопшти ДПА.

Фирмата ја открила слабоста на почетокот на месецов. „Фалинката“ била во опцијата за аудиообраќање, што овозможувала инсталирање на „бубачки“ на штетниот софтвер, независно од тоа дали корисникот одговарал или не на обраќањето. Софтверот, пак, според „Фајненшл тајмс“, бил изработен од израелската компанија НСО груп, која произведува производи за блискоистични и западни разузнавачки служби.

Според весникот, производот на НСО груп, „Пегас“, што може да го вклучи микрофонот и камерата на даден смартфон, собирал податоци за местоположбата и ги читал СМС пораките и меиловите. Тој веќе бил користен против активисти за заштита на човековите права на Блискиот Исток.

НСО груп изјави дека неговите производи им овозможуваат на национални разузнавачки и безбедносни служби да следат и спречуваат терористички акции и други престапи.  WhatsApp во својата информација не ја споменува НСО груп. Компанијата објави дека сајбернападот ги имал „сите знаци на приватна фирма, која работи со влади за доставување на шпионски софтвер за кој се смета дека презема контрола над оперативните системи на мобилни телефони“.

Засега не е познато колку корисници биле засегнати од сајбернападот, што бил насочен кон ајфони на Ејпл, како и кон телефони со системи „андроид“ на Гугл, „мајкрософт виндоус“ и системи „тизен“ на Самсунг.