За време на летото, во Виена живеат околу 200 милиони пчели, а во моментов околу 5 илјади кошници се распоредени низ зелените места во градот, соопштуваат градските власти.

Ако се земе предвид дека меѓу нив има 456 различни видови од овие инсекти, тогаш Виена е „главен град на пчелите во Европа“.

Некои од пчеларниците се сместени во парковите или во близина на каналот на Дунав, како и на други необични места, централните гробишта, градската болница, дури и на покривот на градското собрание во центарот на градот.

Виенскиот секретаријат за животна средина неодамна дефинираше различни мерки на заштита и организираше активности низ градските општини за зголемување на бројот на инсектите во Виена. Поточно, пчелите, осите и други инсекти кои постепено ги губат своите живеалишта во градот заради пестицидите, климатски промени и загадувањето.

Еден таков проект „Сити Нејчр“ (градска природа) обезбедува информации потребни за грижа за градските ливади. Косените тревници, урбаниот простор и егзотичните растенија не содржат доволно нектар и немаат еколошка вредност за пчелите и другите инсекти, затоа на граѓаните им се советува да садат цвеќиња и зачини на нивните балкони и градини.