Фјола Роши и Премтим Етеми, иако се единствените двајца студенти кои на Универзитетот во Тетово во изминатиот период станале дипломирани диригенти, ќе имаат тешкотија да најдат работа, со оглед дека нема доволно оркестри и хорови каде што би диригирале. Факултетот за уметности за наредната академска година не предвидува нови студентски места за диригирање, бидејќи се смета дека попусто би било образованието, со оглед на тоа дека би немале каде да работат.

Професорот Томислав Шопов, кој ѝ беше ментор на Фјола Роши, објаснува дека за да се формира оркестар, потребни се голем број образовани музичари и застапеност на сите можни инструменти. На факултетот наназад десетина години се изведувала наставно-теоретска настава за студентите, со која потоа можат да станат наставници и професори во училишта. Дури пред неколку години се отворени специјални инструментални отсеци за флејта, кларинет, виолончело и други инструменти, а професорите доаѓале од други факултети, како од Скопје, Приштина и од Тирана. Исто така и отсекот диригирање се јавува со ангажманот на Шопов пред осум години, па оттаму во Тетово нема оркестар, а студентскиот зависи од бројот на студенти и инструменталните отсеци.

Студентскиот оркестар, кој функционираше и кој Фјола Роши го водеше за време на бранењето на дипломската работа, брои 18 члена, а според одредени правила еден симфонсики оркестар треба да има минимално 32 члена. Зошто е тоа така, бидејќи нема доволно отсеци за сите видови инструменти. На пример, недостига отсек за обоа, за тромбон, за хорна, за фагот, за повеќе инструменти што се важни за оркестар. Нема и студенти, затоа и нема професори. Помал е интересот кај младите за изучување на тие инструменти, односно има повеќе желба за други инструменти за кои подоцна би имале можност повеќе да работат и да настапуваат, објаснува маестро Шопов.

Младата диригентка Фјола Роши уште во средното музичко училиште се одлучила да стане дипломиран диригент. Тоа било пред сè поради желбата за ваква диплома и професија.

Во средното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ се запознав со диригирањето и започнав да учам во трета година. Потоа тамошниот професор од средно ми кажа дека може маестро Томислав Шопов на Универизитетот да ми биде ментор и да ме води во оваа студиска насока. Кога јас почнав бевме со Премтим Етеми, кој тогаш беше трета година. Потоа следната година тој дипломираше и јас продолжив сама со професорот на настава и во Скопје и во Тетово. Многу сум задоволна што имав можност да учам од маестро Шопов. Бидејќи, освен диригирање, научив многу други предмети хармонија, теорија, анализа, форма, сè што е во рамките на диригирањето – рече Фјола Роши.

Според професорот Шопов, изборот да се стане музичар на пијано, на пример, многу полесно го трасира патот на млад човек за работа и настапување, бидејќи музичарот може да го купи инструментот и сам да изведува.

Од друга страна, диригент не може да купи цел оркестар или хор. Тоа е работа на институциите, на факултетите. Треба да се отвораат специјални инструментални отсеци за потоа да може да се оформи еден оркестар. Сега вака можностите се неколку, како диригент на Операта во Скопје, потоа Филхармонијата и евентуално на Факултетот во Скопје, односно универзитетскиот оркестар. Во Македонија имаме малку оркестри и слаби шанси за вработување. Покрај тоа работата со хоровите е една од опциите, како и да бидат наставници во училишта, рече маестро Томислав Шопов.

Професорот со повеќедецениско искуство потенцира дека диригенството е тешка работа, иако навидум изгледа лесно, како што народот воопшто мисли дека само е потребно да се движат рацете пред оркестарот. Еден диригент треба да има знаења и способности да раководи со над шеесетина луѓе, колку што брои еден просечен професионален симфониски оркестар.

Диригентската професија е многу комплесна. Треба да имате огромно знаење, пред музичари со различни групи инструменти, хорни, гудачи, обои. Оркестрите се од 60 до 80 луѓе, а ние имаме мали оркестри. Диригентот, кој има 80 луѓе пред себе, мора да владее со нив и да има огромно знаење. Прво партитурата мемориски треба да ја има настудирано, да знае секој инструменталист што свири и да се даде своето знаење како диригент, како сугестија, како динамика, како чувство, како интерпретација. Попусти се шегите дека диригентсвото е лесна работа, нели, наводно само се мавта со рацете. Самото дело треба да се простудира. Многу инструменти свират во транспозиции, свири еден тон, а звучи друго. Кај хорна, на пример, свири нота „до“, а звучи „фа“. И диригентот треба тоа добро да го знае, како и да ги знае сите клучеви. Треба многу работа и знаење и апсолутно е потребен талент, потенцира Шопов.

Фјола првиот дел од дипломската работа го изведе на 18 јуни, кога во живо пред публика диригираше со студентскиот оркестар на годишниот концерт што го одржаа студентите по музика при Факултетот за уметности. Ѝ преостанува и диригирање на оркестар во придружба на пијано.

 Годишниот концерт е добра можност за сите оние студенти кои првпат имаат шанса да се претстават на поголема сцена и пред широка публика. Тие покажуваат што научиле за делата на албански и светски композитори и преку нив се оценуваат по неколку предмети, изјави Бајрамали Идризи, раководител на студиската програма за музичка уметност на Тетовскиот универзитет.