Министерството за култура планира да го реконструира Кумановскиот театар. Министерката за култура Ирена Стефоска на прес-конференција презентирајќи го предлог-буџетот на Министерството најави дека меѓу проектите за реконструкција за наредната 2021 година е предвидено и реконструкција на театарот Куманово.
Надлежните од НУЦК „Трајко Прокопиев“, под чии ингеренции е театарот најавија дека проектот е веќе завршен и дека тендерот ќе го објави Министерството. На почетокот од ноември, надлежните од установата, информираа дека е подготвен проектот кој ги вклучува сите фази, архитектура, термодинамика, електрика, статика, водовод. Тогаш, потенцираа дека институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), подготвил и студија за реконструкција и адаптација на објектот, бидејќи станува збор за постар објект.
Вкупната сума за изведба на проектот за која беше спроведена тендерска постапка чинеше 895.620 илјади денари и го изработи градежната фирма „АРХИУМ“ од Скопје заедно со ревизијата на проектот од страна на ГИМ која чинеше 104.253 илјади денари, информираше претходно, директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“, Сашо Тодоровски.
Зградата на театар Куманово со години се наоѓа во незавидна состојба за изведба на уметничките дела, но и покрај тоа, установата спроведува успешна програма. Објектот се наоѓа и помеѓу училишни згради.
Comments are closed for this post.