Музичарот Пол ван Дајк вечер ќе настапи во паркот „Авионче“ покрај кејот на Вардар во Општина Аеродром. Неговиот настап се очекува да почне во 22 часот, а од 19 часот ќе настапат неколку познати македонски диџеи. При крај на концертот ќе има огномет.

Општина Аеродром е дел од светската турнеја „Music Rescues Me“ на Пол ван Дајк, во чии рамки тој го промовира својот нов албум. Се очекуваат околу 10.000 посетители од земјава и од регионот, кои ќе имаат можност да уживаат во неговите нови хитови.

 За потребите на овој голем настан ќе биде поставена бина по светски стандарди, надополнета со посебни ефекти, врвно озвучување и уникатно осветлување, кое е карактеристично за настапите на Пол ван Дајк, соопшти Општина Аеродром.

Од Општина Аеродром ги покануваат граѓаните да бидат дел од целовечерната забава што е од отворен карактер со бесплатен влез и ги потсетуваат дека препорачливиот дрес-код е во сино-бела боја за уште поубав амбиент.

Греми номинираниот Пол ван Дајк два пати е прогласен за број 1 диџеј во светот според реномираното списание „DJ Mag“, нешто што досега само неколку диџеи успеале да го постигнат во својата кариера. Тој е дел од фестивалот „BACK 2 school WEEK“ што девет дена се одржува низ парковите во Општина Аеродром, каде настапуваат голем број музички имиња, бендови и диџеи.