Спомен соба за доајенот на македонската народна песна, Никола Бадев, беше отворена вечерва во новиот музеј во Кавадарци, по повод 100-годишнината од неговото раѓање.

Директорката на музеј галеријата, Весна Ѓорѓиева за Бадев рече дека е  бардот на македонската изворна народна музика, доајен и легенда, амбасадор на македонската изворна народна песна.

Никола Бадев е исклучителна личност, интерпретатор кој високо ја крена и ја прослави македонската народна песна и со тоа остави неизбришливи траги во македонското културно наследство, нагласи Ѓорѓиева.

Во Спомен собата се презентирани голем број предмети. Фотографии, лични предмети, инструменти, постери, плочи, касети, статуи и бисти, народна носија и слично, кои долги години се чувани од страна на неговите ќерки Роска и Сузана Бадеви и се донација на Музеј галеријата во Кавадарци.

Никола Бадев бил роден на 26 октомври 1918 година во селото Глишиќ Кавадарци. Во 1948 година, веднаш по аудицијата за млади таленти, Бадев дебитирал на програмата на Радио Скопје, со што започнала неговата блескава кариера како уметник и станал една од легендите на интерпретаторите и афирматорите на македонската народна песна.

Има снимено над 200 песни и околу 100 грамофонски плочи за дискографските куќи од поранешна СФРЈ, како и во земјите во кои живеат македонски иселеници.

Починал  во Скопје на 58 годишна возраст.