Британската полиција уапси 45-годишен маж кој се обидел да украде еден од оргиналните примероци на „Магна карта либертатум“ (Големата повелба на слободата) од катедралата во Солзбери.

Тој се обидел да ја скрши стаклената витрина во која се наоѓал документот, по што се вклучил безбедносниот аларм.

Од полицијата соопштија дека набргу по инцидентот осомничениот бил уапсен, а ќе биде обвинет за обид за кражба, поседување оружје и за предизвикување штета.

Примерокот од Магна карта во Солзбери е еден од четирите вакви документи кои постојат, а при обидот за грабеж не претрпел никакви оштетувања.

Во правната наука и во политиката, оваа „Повелба“ се смета за првиот чекор кон уредувањето и воспоставувањето на парламентарната демократија, а особено за изградбата на принципте дека никој не е над правото и законите, вклучувајќи го и кралот.

Магна карта либертатум или Големата повелба на слободата е потпишана на 15 јуни 1215 година во близината на Лондон, а со неа се предвидува ограничување на моќта на англиските кралеви, конкретно на кралот Џон Без Земја, син на кралот Хенри II.