Омилената спикерка на лидерот на Северна Кореја Ким Џонг Ун, која е позната по тоа што ги читаше најважните информации од својата земја и која се стекна со титулата ѕвезда, ќе биде заменета со нова и помлада колешка.

Ри Чун Хи (75) со децении работеше во државната телевизија на Северна Кореја и ја уживаше довербата на лидерот на земјата.

Прв пат се појавила пред камерите далечната 1974. година, и од тогаш до ден денешен е едно од најпрепознатливите лица на севернокорејскиот режим. Нејзиниот глас може да се слушне во голем број пропагандни видео-снимки на севернокорејскиот државен апарат.

Таа беше задолжена за објавување на најважните информации за својата земја, како што се тестирањето на нуклеарните ракети или смртта на лидерот на земјата.

Во својата земја важи за ѕвезда и го доби прекарот „розевата дама“ по розевкасто-црната народна носија на Северна Кореја која секогаш ја носеше на програма, додека Западот ја ословува со „гласот на омразата“.

Како што пренесува американската мрежа АБЦ, државната телевизија на Северна Кореја воведува млада генерација кои ќе носат посветли бои, како би ги привлекле младите гледачи.

Новото лице на државната телевизија

Иако медиумите одамна пишуваа дека таа заминала во пензија, Хи повторно се појави на националната телевизија за „ентузијастички“ да објави дека Северна Кореја извршила проба со хидрогенска бомба.