Со настап на повеќе од 10 музички изведувачи на три сцени во арената „Борис Трајковски“, в сабота ќе се одржи финалната вечер на 20. издание на музичкиот фестивал „Таксират“. Посетителите, за кои се очекува да бидат неколку илјади, ги очекува музички маратон што ќе трае осум часа.

Почетокот на музичките случувања е закажан за 20 часот, а ќе траат до рано утрината. Како што известуваат организаторите, вратите од салата ќе бидат отворени еден час пред официјалниот почеток, односно во 19 часот.

На главната бина на „Таксират“, за првпат македонската публика ќе има прилика да ги погледне настапите на eден од најпосакуваните бендови на современата сцена, шведската инди-рок група „MANDO DIAO“ и легендарниот австралиски драм енд бејс феномен „PENDULUM“ кој доаѓа со својот фуриозен диџејски сет.

Покрај нив, светски концерт каков што не сме навикнати да очекуваме од македонски изведувачи, се најавува од македонските металкор легенди „SMUT“, а главната бина ќе ги пречека и славните изведувачи познати по своите незаборавни настапи „NOUVELLE VAGUE“, „ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ“, „THERAPY“ и „Културно Уметнички Работници“.

На втората бина, во малата сала на Арената „Борис Трајковски“, премиерно кај нас ќе настапи апсолутниот светски битбокс шампион „RAHZEL“ придружуван од славниот скреч-тандем „The X-Ecutioners“, како и домашните водечки имиња кога се урбаните журки во прашање „SAF Sound System“ и „Trap Da Fuck Up!“.

„SILENT DISCO“, третата бина на „Таксират“ е подготвена за повеќечасовни сетови на три диџејски пулта во исто време резервирани за актуелна екипа која владее со скопските подиуми, „Скопски Грув“, „Oubli“ и „Шурбе“.

Уште мала количина промо-билети

Како што објавуваат организаторите на фестивалот, по распродадените „early-bird“ билети и билетите од 4+1 контингентот, останува уште мала количина од промо-билетите со цена од само 650 денари за кои посетителите треба да бидат навистина брзи на сите благајни на МкТикетс и онлајн. Следната цена на билетите за главната вечер на „Таксират“ ќе биде 800 денари, а иситите покрај веќе објавената продажна мрежа, в сабота ќе се продаваат и на самиот влез на Арена „Борис Трајковски“.