Шпанската пејачка Силвија Перес Крус ќе настапи на 3 ноември во Филхармонија, со што ќе се продолжи традицијата на Офф-фест и среде пандемијата на коронавирусот.

Деветнаесеттото издание на овој музички фестивал требаше да се одржи во почетокот на јуни, но беше одложен поради добро познатите глобални прилики. Неговиот нов формален термин е ноември, но организаторот Скопски џез фестивал вели дека ќе има уште неколку концерти само ако ситуацијата биде добра.

Засега е потврден настапот на Перес Крус, која беше најавена во програмата уште во јануари. Оваа 37-годишна каталонска пејачка ја почнала музичката кариера како членка на фламенко групата „Лас Мигас“, а во својот нов проект „Фарса“, што ќе го претстави во Скопје, комбинира музика, театар, танц, филм, сликарство, фотографија и поезија.