Во невообичаена церемонија, „Номадленд“ (Nomadland) го одбележа овогодишното доделување на наградата Оскар. Филмот триумфираше во категориите за најдобар филм, најдобра режија и најдобра главна актерка.
Истовремено режисерката Клои Жао влезе во историјата на наградите откако стана првата жена која не е белкинка што ја освоила наградата за најдобра режија.
Во филмот се опишани номадите од вистинскиот американски живот, луѓето кои живеаат во камп-приколки и кои постојано се движат од едно на друго место во земјата.
Церемонијата оваа година се одржа во живо но со многу помал број гости и со почитување на заштитните мерки поради пандемијата со Ковид-19.
Во категориите за глума покрај Френсис Мек Дорманд за најдобра актерка, изненадување беше и триумфот на Ентони Хопкинс, за неговата улога во драмата „Таткото“ (The Father). За најдобар спореден актер беше прогласен Даниел Калуја за филмот „Јуда и црниот месија“ (Judah and the Black Messiah), а за најдобра споредна актерка, Јоун Ју Јунг, за нејзината улога во „Минари“ (Minari).
Филмот „Манк“ (Mank), кој имаше најмногу номинации на овогодишните Оскари, ја освои наградата само во категоријата за кинематографија. Во категориите за сценарио победија „Млада жена која ветува“ (Promising Young Woman) во категоријата за оригинално сценарио и „Таткото“ за најдобро адаптирано сценарио. Во категоријата за најдобар документарен филм победи „Мојот учител октоподот“ (My Octopus Teacher).
За најдобар странски филм беше прогласен данскиот „Уште една тура“ (Another Round). „Соул“ (Soul) победи во категоријата за најдобар анимиран филм, „Тенет“ (Tenet) победи во категоријата за најдобри специјални ефекти, додека во категоријата за најдобра монтажа и најдобар звук наградите ги освои „Звукот на метал“ (Sound of Metal).
Оскарите оваа година беа одложени, па наместо во февруари церемонијата на доделување на наградите се одржа вчера во Лос Анџелес.
Целосната листа на номинирани за златната статуетка можете да ја погледнете ОВДЕ.
Comments are closed for this post.