Мануел Франко, 24 годишник од американската држава Висконсин, освоил 768 милиони долари во играта на среќа „Пауербол“, што е трета најголема исплата во историјата на САД.

Почнав да полудувам. Погледнав во бројките и се поклопуваа. Срцето почна да ми тропа, чувствував жештина. Почнав да врескам“, изјавил Франко

Тој изјавил дека дал отказ, велејќи дека едноставно не може да продолжи со работа. Одлучил да одбере еднократна исплата, наместо парите да му се исплатуваат на рати, а додава дека се надева оти пари ќе даде во добротворни цели.

Заради тоа што одбрал еднократна исплата, ќе му бидат префрлени 477 милиони долари. Подготвен е, истакнува Франко и на луѓето кои ќе доаѓаат да го молат за пари да им каже не.

Според законот на американската држава Висконсин, победниците на лотарија не може да останат анонимни. Франко изјавил дека откако ги освоил парите станал параноичен и го сокрил наградниот тикет во сеф.

Станав параноичен, како кога имате чувство дека целиот свет ве брка. Секој ден мислев дека е позади мене. Тешко е да го живеете својот живот кога имате тикет кој сите го сакаат“, истакнува Франко.