Маестро Симон Трпчески е добитник на наградата „Маж на годината“ за 2022 година, на официјалниот избор „Мажи на годината“ во организација на Фрајдеј Комуникации и Џентлмен Магазин.

Гламурозната манифестација „Мажи на годината“, настан поддржан од „Casinos Austria International Macedonia“, по петти јубилеен пат се одржа во хотелот „Хилтон“, со најголема посетеност досега. Во присуство на голем број претставници од бизнис секторот, јавниот живот, амбасадори и ексклузивниот гостин Петар Грашо. Беа избрани 13 најуспешни мажи, во 13 категории кои ја одбележале 2022 година. Според официјалниот избор на жири комисијата во чиј состав се членови од институции, новинари, претставници на бизнис секторот, режисери и стилисти, титулата „Маж на годината 2022“ ја понесе Маестро Симон Трпчески.

Симон Трпчески е еден од најафирмираните македонски изведувачи и најдобриот македонски пијанист на сите времиња, човек со беспрекорен стил во музичката индустрија.Тој ја доби и наградата за „Маж со најголем придонес во културата“.

Наградата „Маж со трајни вредности“ ја доби Проф. Д-р Аце Миленковски.

„Задоволството е огромно кога вашиот труд, упорност и посветена работа ќе бидат препознаени од експертската јавност, а уште поголема чест е кога признанието ќе дојде од поширокото општество. Не е лесно да се биде најдобар – тоа е привилегија, но и тежок товар. Ова е голема обврска за мене лично, но и за Универзитетот со кој менаџирам, да продолжиме да работиме посветено и да создаваме нови генерации млади професионалци што ќе останат да работат во Македонија, да придонесат за подобра иднина тука, во својата татковина“, рече ректорот Миленковски пред присутните гости.

 

„Маж со најголем придонес во општеството“ му припадна на Игор Гешовски -генералниот директор на Еко Логистик, наградата „Маж странец на годината“ ја доби Амбасадорот на Јапонија, господинот Хиронори Савада, наградата „Маж со најдобар стил“ ја доби Павле Камилоски. „Маж менаџер на годината“ ја понесе Д-р Емил Угриновски, за наградата „Маж со најголем придонес во спортот“ беше избран Калин Ивановски, генралниот директор на Тиго Фајнанс – Филип Димитровски ја доби наградата „Млад менаџер на годината“, додека Амар Салиу ја доби наградата „Менаџер на годината до 40 години“. Во категоријата „Маж на годината според социјалните медиуми“ публиката го одбра Отец Оливер Петровски, најголемиот хуманист во Македонија за изминатава година.

На настанот кој традиционално се одржува во ноември во чест на месецот на машкото здравје наградата „Хедонист на годината“ отиде во рацете на Илија Малинковски, а наградата „Маж на годината според организаторите“, ја доби легендарниот Игор Џамбазов.

Изборот „Мажи на годината“ секоја година традиционално се одржува последната среда од месец ноември. А организаторите оваа година го најавуваа како спектакуларен.