Јужна Кореја ја стартуваше националната мобилна мрежа 5Г, два дена порано од планираниот рок, порачаа јужнокорејските мобилни оператори, со што земјата стана прва во светот која ја воведе оваа супер брза безжична технологија.

Земјата е на добар глас дека е предводник во високата технологија во светот, а Сеул стартувањето на 5Г мрежата го стави во своите приоритети со желба да го поттикне растот на економијата.

Шпекулациите дека американскиот „Веризон“ би можело да биде првиот кој воведува 5Г ги натераа јужнокорејските оператори на брза реакција, јавува агенцијата Јонхап.

Како што наведува агенцијата, јужнокорејскиот оператот СК Телеком ја стартувал мрежата активирајќи ја услугата 5Г за „шест познати јавни личности кои ја претставуваат Кореја“.

Познатите личности, меѓу кои се и двајца членови на поп бендот Ексо и ѕвездата во уметничко лизгање Ким Ју-на, се меѓу првите претплатници во светот на 5Г мрежата, стои во соопштението.

За општата јавност услугата ќе биде достапна во петок, кога Самсунг ќе го промовира својот нов Галакси С10 5Г мобилен телефон.

Познавачите велат дека 5Г мрежата е 20 пати побрза од 4Г, што овозможува на пример симнување на филм од интернет за една секунда.