ЈАДРО – Асоцијацијата на независната културна сцена реагира на начинот на кој се спроведуваат проектите добиени преку конкурсот за проекти од Национален интерес. Оттаму сметаат дека е потребно подобрувањето на административните постапки и техники на Министерството за култура.

Од Асоцијацијата го поттикнуваат министерството да ги олесни начините за аплицирање, да воведе електронски систем и безбедни протоколи за поднесување на документите.

„Насоката во која министерството прави промени не е соодветна. Досегашните промени укажаа на непотребно оптоварување со бирократски алатки на апликантите кои ги креираат содржините во социо-културниот простор, а кои се чини дека се во духот на крајно ретроградни административни, па дури и нелогични (спред доделените средства) технологии на администрирање, кои не се ползуваат ниту од страна на најзначајните европски фондови и фондации. Напротив, слушајќи го гласот на корисниците, европските фондови и фондации сѐ повеќе ги де-бирократизираат процесите, на тој начин што слободно можеме да раководиме  со содржините и буџететите, притоа почитувајќи ги однапред комуницираните главни начела. Во работата на Министерството за култура, пак, се воочи спротивното, дека оваа институција посветува преголемо внимание на документацијата, што се одразува негативно на сметка на  содржината“, реагираат од ЈАДРО.

Покрај ова, нивните членки се незадоволни од недостатоците во договорите за учество во финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година. Тие забележале проблематични делови како на пример, несоодветното и недоследното бодување на проектите, кое не се одразува соодветно на висината на добиените средства, како присутност на двосмислени и збунувачки формулации.

„Преку детално разгледување на решенијата и договорите кои членките ги добија во изминатиот период од десетина дена, констатирани беа повеќе проблематични и еднострани обврзувања на корисниците на финансиските средства од буџетот на државата. Министерството за култура, пак, не се има обврзано во ниту еден член од договорот, што ги прави договорите еднонасочни во поглед на одговорностите за кои двете страни треба да се обврзат при реализација на проектите. Со ова, корисниците се чувствуваат како потенцијални злоупотребувачи во користењето на јавните пари, додека министерството пропушта да ги наведе своите обврски кон нив, како клучни актери со долгогодишно искуство со работа на домашни и интернационални проекти, кои поседуваат експертски познавања од културата и уметноста и кои создаваат  продукција и програми кои се одликуваат со квалитет и квантитет што неретко ги надминува  институционалните културни програми“, велат од Асоцијацијата.

Од ЈАДРО се особено загрижени за самостојните уметници или, пак, за оние кои првпат се пријавиле на повикот објавен од страна на министерството во декември 2020 година.

„Министерството со доцнењето на објавата на резултатите од конурсот ги држи во неизвесност уметниците кои имаат, или се пријавиле за статус на самостојни уметници. Тоа е особено загрижувачки во период на пандемија, кога тие и онака немаат никакви примања заради неможноста за одржување на културни настани, а со тоа се ставени во позиција да не можат да ги покријат трошоците за плата, пензиско, инвалидско и здравствено осигурување, за кое во моментот е  потребно повеќе од кога било. Особено загрижувачки беше и повикот за помош на самостојните уметници, објавен во декември 2020 година, каде беше наведено дека ќе се поддржат самостојни уметници, а во исто време дека важи само за невработените. Оваа објава беше навистина збунувачка, и голем број од уметниците беа одбиени за оваа помош со образложение дека се веќе вработени преку ТП. Со оваа правна нелогичност во конкурсот и со упорното необјавување на резултатите заклучно месец април 2021, министерството навистина покажа дека нема интерес да ги заштити најзагрозените актери на културната сцена“, се вели во реакцијата на ЈАДРО.

Сепак, тие посочуваат дека и во период кога немало редовни примања и социјална стабилност, културните работници успешно организирале богати културни програми.

„Токму затоа, револтирани сме од начинот на кој се перцепира нашата работа, и недоворбата која Министерството ја има кон нас, изложувајќи нѐ на дополнителен стрес, со непотребно обременување со администеративно работење, неизвеснот, неиформираност и надзор од страна на финансиска полиција“, велат од ЈАДРО.

Тие побараа средба со министерката Ирена Стефоска и сериозен пристап кон решавање на пропустите што ги забележале.