Шоу-спектаклот „Сапунена фантазија“ на Коле Китанов ќе биде претставен денеска во Македонскиот културен центар во Софија.
Оттаму посочуваат дека „Сапунена фантазија“ е шоу спектакл во стилот на класичните кловновски точки и апсурди.

Меурите од сапуница секогаш биле и ќе бидат неверојатна игра за помалите и еден магичен феномен за возрасните. Уште повеќе кога ги надминуваат нашите очекувања. Со многу хумор, интеракција и професионализам, меурите од сапуница прават чуда. Квадратни меури, меури со дим, со оган, меури долги и шарени како виножито и за крај – човек затворен во меур од сапуница. Сето ова и уште повеќе изненадувања го прават овој шоу спектакл, како едно вселенско патување наречено Сапунена фантазија, најавуваат од КИЦ.

Како што потенцираат, местата за претставата се со ограничен број и право на присуство ќе имаат само оние кои претходно се запишале.

Коле Китанов е од Струмица. Во 2012 година аплицира и започнува студии во Националната академија за театар и кино во Софија, каде сега живее и работи. Тој е еден од основачите на  куклениот театар Мале-мале, кој постои од 2013 година и создава авторски и класични детски пиеси во стилот и средствата на куклениот театар.